Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“ ја отвори Петрит Сарачини, дирекотр на Фестивалот на слободата 2019 по повод 20 години ЦИВИЛ.
„Добро ни дојдовте на првиот од серијата настани со кои ЦИВИЛ слави 20 години постоење и активно делување во нашето општество. Наместо вообичаените коктели и прослави, славиме работно, со ангажирани собири и настани. Како и секогаш, ЦИВИЛ е тука да биде платформа, преку која наши еминентни стручњаци, интелектуалци, уметници, активисти, заедно со институциите, низ различни форми на изразување, ќе изнесат видувања за предизвиците пред нас, но уште поважно, визии и решенија за наша заедничка, подобра иднина.
Чест е што за старт на овој Фестивал на слободата имаме ваков импресивен панел на ветерани и лидери на граѓанското општество, а особено ни е драго што е со нас и претседателот на нашата Република, нашиот соборец и другар Стево Пендаровски. Искрено му благодариме што дојде да ја отвори конференцијата, имајќи ја предвид презафатената агенда што ја има во овие денови.
А, кои беа и кои се клучните предизвици во годините зад нас и пред нас? Како до повидлив и повлијателен граѓански сектор и подобри резултати во иднина? Имаме големи успеси, но очигледно и многу работа пред нас – на што треба најмногу да се посветиме? Ова се важни прашања, кои ќе бидат во фокусот на денешната дискусија. Верувам дека ќе дојдеме до содржајни и концизни одговори, базирани на големото искуство, стручност и познавања на присутните учесници во повеќе области, во кои делуваат.
Освен со претседателот Пендаровски и неговиот кабинет, ставовите и видувањата од оваа конференција ќе бидат документирани и објавени и на медиумските платформи на ЦИВИЛ на три јазика, и достапни за сите наши сограѓанки и сограѓани, и целата домашна и меѓународна јавност.
Дозволете накусо да ви ги најавам и останатите два настани во Музејот на Град Скопје, на кој му благодариме од срце за гостопримството и поддршката. На 3 декември, Денот на лицата со посебни можности, ја имаме дискусијата со наслов „Рампа“, на која претставници на засегнатите ќе дебатираат со градоначалникот Шилегов и советници од МТСП кои работат на овие прашања, а во фокусот ќе бидат пристапот до институциите и јавните простори и деинституционализацијата.
И, вечерта на 10 декември, Меѓународниот ден на човекови права, сите љубители на ангажираната уметност ги повикуваме да дојдат и да уживаме заедно во различни мултимедијални содржини, изложба, поетски перформанси, видео-фест на успешни активистички приказни од цел свет, настап на нашите познати диџејки Соња Исмаил и Марга сол и диџеј Дино, и мини концерт на нашиот авангарден бенд Фолтин. Повеќе детали за овие и другите настани на нашата јубилејна програма можете на најдете на медиумските платформи на Цивил.
За биографијата на Цивил и овие 20 години борба за човекови права и слобода на изразување, трпеливото и упорното градење мир, подобри меѓуетнички односи, подобри изборни процеси, борба за социјална правда, подобра животна средина, образование… нема да зборувам. Дваесет години зборуваат сами за себе. А за нив, ви благодариме вам, што верувавте и верувате во нас“, изјави Сарачини.