Претседателката на пописната комисија за општините Гевгелија и Дојран, Ката Ристова, на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ што се одржа во Гевгелија, се осврна на техничкиот дел од пописната операција во овие општини.
-Пописот е од исклучително значење за државата и особено откако во нашата држава дваесет години не е спроведен попис, и некако му доаѓа како да боде во фокусот на вниманието. Затоа сметам дека е одлично што ЦИВИЛ ги организира овие панел дискусии.
Од позиција на претседател на пописната комисија за реонот 11, можам да споделам неколку информации од технички карактер. Пописниот реон 11 ги сочинува подрачјата на две општини, општината Гевгелија, и општината Дојран. Ако за ориентација ги земеме податоците од пописот од 2002 година, станува збор за пописен реон со околу 25.000 жители, 8.240 домаќинства, и 11.408 станови. Дали и колку овие бројки се релевантни и денес, ќе покаже новиот попис. Според актуелниот закон за попис на населението, за успешно спроведување на пописот во нашиот реон, предвидено е да бидат ангажирани 88 реонски попишувачи, и девет реонски инструктори. На конкурсот за попишувачи за нашиот реон се пријавија вкупно 111 кандидати, за кои тестирањето како комисија за попис го спроведовме минатиот петок, на 12 март. Битно е да се каже дека во сите досегашни, па и идни активности, каде клучен носител на активноста е реонската пописна комисија, строго се придржувавме и ги почитувавме сите здравствени протоколи за заштита од Ковид-19. Освен успешното спроведување на пред -пописните и пописни активности, за нас, како реонска пописна комисија, е строго да се почитуваат протоколите, заштита од пандемијата, соодветна лична заштита, дезинфекција, соодветна дистанца итн.
Како новина во однос на овој попис, Ристова ја посочи информацијата дека со новиот Закон за попис во 2021 година, ја нема веќе онаа стандардна Државна комисија за попис, како централно тело што го бираше Собранието, сите надлежности и одговорноста за спроведување на пописот, се ставени на Државниот завод за статистика, како компетентна и најрелевантна институција.
На крајот од панелот, Ристова повика на човечност, до сите чинители во државата.
-Се надевам дека со пописот ќе го положиме тестот на човечност, а знаејќи го менталитетот на граѓаните на општина Гевгелија, сигурна сум дека ќе успееме, порача Ристова.
Дијана Тахири
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Мелиса Муриќ