МИОА: ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести, нема злоупотреба на позиции, изборите се одложени!

ДПМНЕ продолжува да шири лажни вести и да обвинува без конкретни докази. Обвинувањата за злоупотреба на јавна функција и вработувања во изборен период, во најмала рака се апсурдни, затоа што да потсетиме предвремените парламентарни избори закажани за 12ти април се одложени, а во државата е прогласена вонредна состојба“, се вели во рекацијата на Министерството за информатичко општество и администрација како реакција на отворено писмо на дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковски.

„За да може државата непречено да функционира и да биде во служба на сите граѓани, во време кога во светот е прогласена пандемија, Владата на Република Северна Македонија, усвои Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Во член 7 од Уредбата е наведено дека:

„Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик. Од денот на стапување во сила на оваа уредба па се до денот на престанок на вонредната состојба не се преземаат никакви дејствија врз основа на Изборниот законик.“

За појаснување, во членот 8-а од Изборниот законик се регулираат забраните во време на изборен процес. Ова значи дека институциите по прогласувањето на вонредна состојба, продолжуваат да работат надвор од предвидените забрани, со цел исполнување на своите законски обврски.

Во однос на евентуалните злоупотреби кои денеска ги нафрла дополнителната заменичка министерка Невенка Стаменковска Стојковски, потсетуваме дека за разлика од време на ДПМНЕ, денеска институциите работат професионално и по секоја пријава постапуваат соодветно“, реагираат од МИОА.

Отвореното писмо на Стаменковска Стојковски се однесува на масовна злоупотреба на вршење на јавна функција при распишани предвремени парламентарни избори и прогласена вонредна состојба на територијата на целата држава.