Една Британка која живее во Германија, на својот блог го опиша рециклирањето со нејзиниот статус: „За да го одвоите отпадот во Германија на правилен начин, треба да сте доктор“. Одговорот на нејзината пријателка која што е родена Германка гласел: „Мојот сопруг е доктор, а и јас исто. Живееме во Германија од кога знаеме за себе, па повторно не знаеме во целост кој отпад каде треба да се фрла“...
За разлика од Германија, Македонија има проблем на ова поле. Имено, според најновите истражувања на невладината организација „GO GREEN“, само 2% од целокупното население го рециклира својот отпад.
Рециклирање во принцип претставува моментот кога шишето од вода или сок место да го фрлиш на тревникот во паркот, ќе го фрлиш во жолт контејнер на кој што пишува PET, па тогаш чичкото задолжен во службата ќе го однесе истото тоа шише во фабрика за рециклирање и од него ќе направи сосема нов производ. Тој производ може да биде ново пластично шише, PET влакно со кое се полнат плишани играчки, мебел или PET трака со која се врзуваат тешки пакети.
Рециклажа е и кога лименка од coca-cola ќе ја фрлиш во специјален контејнер за лименки, па лименката ќе се стопи во топилница и од тој алуминиум ќе се произведе потполно нова лименка. Што со своите стари тетратки? И тие може да се однесат до контејнер за хартија и од нив да се направи весник.
Рециклажа е издвојување на материјали од отпадот и негово повторно користење. Процесот на рециклажа вклучува собирање, издвојување, преработка и изработка на нови производи од искористените материјали. Без вклучување на рецикирањето во секојдневниот живот, невозможно е да се замисли контролирање на целиот отпад во светски рамки!
Што се може да се рециклира? Стакло, хартија, алуминиум, пластика, керамика.
Хартија – се добива со преработка на дрво во фабрика со помош на различни хемиски средства. При тој процес се сечат голем број на шуми, а воедно доаѓа и до загадување на реките. Со цел да се нанесе што е можно помала штета на животната средина, овозможено е повторно собирање на хартијата која што веќе не ни е потребна. Со преработка на стара хартија, се троши за 60% помалку енергија од вредноста на енергијата што е потребна за тој произовд да се произведе од природно дрво. Исто така, со преработка на старата хартија се користи за 15% помалку вода. Некои податоци велат дека со рециклажа на еден тон канцелариски материјал спасуваме 17 стебла дрво, штедиме 4200 кw (киловати) електрична енергија и 32.000 литри вода.
Стакло – материјал кој се користи во секојдневниот живот преку различни производи: шишиња, чаши, тегли, прозори, огледала. Се произведува со тоа што песокот, во мешавина со некои други материјали, се топи на многу високи температури. Во тој процес се троши доста енергија, а во воздухот се испушта голема количина на штетни гасови. Доколку го рециклираме стаклото, во многу помала мера би се уништувале коритата на реките од кои што се црпи песокот, би се смалило загадувањето, а исто така и потрошувачката на енергија. Рециклирањето на едно шише би заштедило доволно енергија со која што една сијалица од 100W (вати) би можела да свети четири полни часа. По некои проценки, ако во светот се фрлат 28 милијарди шишиња и тегли во годината, можете да замислите колкаво количество на електрична енергија би можеле да заштедиме. Предноста на стаклото е во тоа што е возможно бесконечно рециклирање.
Метал – Од метал се прават превозни средства, апарати за домаќинство, шишенца за дезодоранси, лименки за напиток, кутии за крема и слично. Металите секако се добиваат од соодветната руда. Процесот за нивно производство секако е долг и макотрпен. Започнува со копање на самата руда со која што се уништуваат цели предели – ливади, брда, планини). Потоа се врши прочиствуање на рудата од различни нечистотии при процес на испирање со вода. При топење на рудата се троши голема количина на енергија, а штетните гасови соговруваат и се ослободуваат во атмосверата.. На крајот на тој процес добиваме метал кој во понатамошниот живот го користиме во различни цели. За еден тон алуминиум потребно е да се ископа четири тона Боксит (руда која што се состои од алуминиумски хидроксид) и да се потрошат 13.000kW (киловат часови) елекгрична енергија. При производство на алуминиум, од предходно наведената постапка, во атмосверата се испуштаат јаглерод моноксид, јаглерод диоксид и флуроводород. Овој проблем е решен во Германија. Старите автомобили се даваат на рециклирање и добиваат одредена сума на пари за нив. Годишно во Германија се рециклираат 100.000 фрижидери, 150.000 телевизори и околу 15 тона други апарати.
Пластика – материјал кој се добива со преработка на нафта. Нафтата е вид на руда која што се наоѓа во внатрешноста на земјата и настанува по пат на распаѓање на билки и животни во период од повеќе милиони години. По сегашната потрошувачка се проценува дека на земјата има нафта за уште 35 години. Проблемот со пластиката е што таа не се распаѓа во земјата туку што трајно се заджува на неа. Единствен начин за спас од пластиката е нејзино палење но со тоа го загадуваме воздухот. Во последно време се појавуваат шишиња кои што се направени од пластика која што се рециклира.
Во Германија, една од земјите членка на сложениот систем за собирање и обработка на отпадот, отпадот го фрлаат во сина, жолта, кафена и сива боја.
Анкетата која што беше спроведена во Германија во 2016 година вели дека 91% од германците во целост го рециклираат својот отпад. Целокумното производство на отпат изнесува 40 милиони тони, 44.5% се рециклира, 37.8% се пали, 17.3% се компростира, а само 0.4% од комуналниот отпад заминува на депониите.
Политиката на европските држави е дека депониите се застарен метод и во нив треба да се заджува 1-2% од целокупната маса на отпад во една држава.
Нека западноевропските држави бидат пример за тоа како може, и мора да се складираат отпадоците. Доколку можат тие, зошто да не можеме и ние?
Стефан Саздовски