Ретроспектива: Операција „Попис“ низ призмата на ЦИВИЛ

За неколку дена треба да започне долго одложуваната операција на попис на население во Република Северна Македонија. Последниот спроведен попис во земјава е одржан во далечната 2002 година, а обид за попис имаше во 2012 година, кога се прекина, а Специјалното Јавно Обвинителство покрена постапка против Никола Груевски и Али Ахмети за намерно стопирање на пописот во 2011-та година и за нанесена штета на буџетот од 3 милиони евра.

Нов попис требаше да се спроведе во април годинава, но и овој пат не се одржа. По силната владина кампања за неопходноста од одржување на овој процес, и кампањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за бојкотирање на пописот заради услови во пандемија, односно загрозување на здравјето на граѓаните, пописот во април се одложи, а голем број граѓани од дијаспората веќе се попишаа во првата фаза на процесот, односно во фазата на попис на македонски граѓани со престој надвор од државата.

ЦИВИЛ будно ги следеше активностите околу пописот уште од почетокот, со бројни настани и постојани известувања на медиумската платформа ЦИВИЛ Медиа. Екипата на ЦИВИЛ на крајот на изминатата година и почетокот на тековната година одржа неколку панели на локално ниво со претставници од различни општини, на тема Пописот е статистика, не политика,  и со претставници на Државниот завод за статистика, како што е директорот на оваа институција, г. Апостол Симовски.

Заклучокот од сите јавни настани што ги одржа ЦИВИЛ  во врска со пописот, беше дека пописот е неопходна операција, и не смее да се политизира.

„Факт е дека пописот се политизира, но проблемот е колку ние како институции ќе дозволиме истиот да се политизира. И ќе кажам јавно повторно, не е виновен ниту еден политички субјект за политизирањето на пописот во 2012 година и тој пропадна. Да, тие го искористија моментот, но ние, институциите сме тие што им ги отворивме вратите на политиката. Ние предложивме закон во којшто рековме дека не Државниот завод за статистика, туку Државната Пописна Комисија ќе го спроведува пописот, која што ја предлага и менува Владата, така што тоа е најстрашната работа, и затоа ние сме должни, чувствуваме обврска не само за попис, туку да ја затвориме таа врата и да докажеме и покажеме дека оваа институција е вистинска институција и дека во оваа држава институциите не се како што  се перципира, дека се нефункционални и дека не чинат.  Напротив, не сме како што јавноста има слика за нас, но сме главните виновници за таа слика.“, изјави директорот н ДЗС, Апостол Симовски на јавниот настан на ЦИВИЛ, Попис: Помеѓу статистиките и политиките.

Подготовките за пописот се завршени пред месец април, кога требаше да се спроведе операцијата, а Симовски најави дека овој попис ќе се спроведе различно, односно со комбиниран метод, со електронски прашалници, на лаптопи и ќе има комуникација со автоматски бази од каде ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.

ЦИВИЛ одржа неколку панели низ општините во земјава, на кои што учествуваа претставници на локалната власт, како и општински советници од сите политички опции.

Првиот панел на тема Попис: Статистика, не политика, се одржа во Штип. На настанот учествуваа Градоначалникот на Штип, Сашко Николов, претседателката на Совет на општина, Маријана Рогожарска Поповска, претседателката на пописна комисија, Соња Китанова, координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Љубе Здравков, советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Христина Серафимовска, директорот на Дом на млади, Горан Трајков и главниот уредник на ТВ Ирис, Војо Маневски. Дискусијата отвори можности за споделување на важни информации за текот на подготовките и одвивањето на процесот на попишување во почетната фаза, но значењето на пописот како за општините, така и за економијата, стопанството, градењето политики и практики на локално и национално ниво.

Целата дебата можете да ја проследите на следниот линк:

 

На 11 март ЦИВИЛ одржа панел дискусија на истата тема во Општина Гостивар. Учествуваа градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари, претседателот на Советот, Бесим Мемеди, координаторот на советничка група на СДСМ, Зоран Ангелов и советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Силјаноски. Панелот го модерираше Џабир Дерала од ЦИВИЛ. На панелот беа поканети и претставници на помалкубројните етнички заедници кои живеат во Гостивар, но, за жал немаа време да присуствуваат на настанот.

Политиката да се одвои од статистиката, бидејќи пописот тоа и е – статистичка операција, а не полигон за етно-политички пресметки. Гостиварчан(к)и беа  едногласни дека пописот треба да се спроведе и дека не треба да се бојкотира.

Пораките од дебатата може да се проследат ТУКА.

ЦИВИЛ одржа панел дискусија на тема „Попис: Статистика, не политика“ во Општина Гевгелија, во која учествуваа градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, Претседателката на пописната комисија за општините Гевгелија и Дојран, Ката Ристова и советникот на Општина Гевгелија од СПМ, Ристо Камов. Панелот го модерираше Џабир Дерала, ЦИВИЛ.

Учесниците на панелот ги изнесоа своите ставови во однос на пописот, кои беа во дефинитивна насока на спроведување успешна статистичка операција, ги појаснија потребите за попис на локално ниво, и дадоа одлични пораки до сите политички и општествени чинители  во земјата во однос на пописот.

Јавниот настан може да се проследи во линкот подолу.

Ден по договорот меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ЦИВИЛ организираше панел дискусија во Скопје на тема „Попис: Статистика, не политика“.

На јавниот настан учествуваа пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, професорката и експертка за човекови права, Мирјана Најчевска, и уредникот на „Капитал“, Љупчо Зиков.  Говорниците, секој со своите гледишта се осврнаа на одложувањето на пописот, потребите од оваа статистичка операција, и политизирањето.

Сите пораки од дебатата може да се проследат на следниот линк:

Пред планираниот почеток на спроведувањето на пописот, Собранието со 95 гласа за и 7 против ја изгласа потребата за измена на Законот за попис по што претседателот на Собранието ги овласти претседателите на комисиите да закажат седници.

Државниот завод за статистика најави дека пописот ќе почне да се спроведува од 5 до 30 септември, а јавниот конкурс за попишувачи беше отворен на 20 јули, но потоа се продолжи до 25 август.

Во меѓувреме продолжува електронското самопопишување на државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство. Самопопишувањето на македонските државјани во странство ќе трае до 30 септември, кога завршува Пописот на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

Во врска со здравствените протоколи за превенција од КОВИД -19, директорот на ДЗС, Апостол Симовски, уверува дека целосно ќе се почитуваат донесените строги здравствени протоколи и дека нема да биде загрозено здравјето на ниту еден поединец во државата, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ со оглед на зголемениот број новозаразени најдобро решение е да се направи електронски попис. Овој предлог директорот на ДЗС,  Симовски, категорично го отфрли и нагласи дека сега ниту може, ниту има намера да се размислува за менување на методологијата, која како што рече, е донесена со Закон, објавена во Службен весник и одобрена од Евростат.

ЦИВИЛ, како општествено одговорна организација продолжува и понатаму да ги следи активностите поврзани со оваа исклучително важна статистичка операција.

Д. Тахири