Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација започнуваат со реализација на проектот Промоција на еднаквоста во Македонија преку кампањата „Фудбалот против дискриминацијата“.
„Секој од нас е различен, поинаков, посебен, но, различноста не е пречка да ги облечеме истите бои и да најдеме заеднички јазик. Затоа што различноста нè прави посилни, а единството секогаш носи победа“, гласи видео пораката направена на повеќе јазици кои се говорат во нашата земја, а може да се забележи и знаковниот јазик. Пораките во видеото ги читаат жени, што покажува дека сите треба да бидеме еднакви и дека фудбалот не е само „машки спорт“.