Во нашето мултикултурно општество не треба да постојат термините „наши“ и „ваши“

ЦИВИЛ одржа јавен настан на тема „Можеме ли заедно?“ на кој се зборуваше за тоа кои се придобивките кога различните заедници работат и живеат заедно. На настанот учествуваа активистката Лиса Баута Шаќири, актерката Владанка Димковска и Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ секторот. Настанот ќе го модерира Дијана Тахири, ЦИВИЛ.

„Во бизнисот важат правила различни од обичното живеење. Во бизнисот има правило дека бизнисот постои за да прави пари. Во најголема мерка вработените се бираат дали ќе се исполни улогата за да се исполни работното место и дали вработениот ќе биде добар работник“, истакна Ванчо Орданоски, сопственик на бизнис во ИТ секторот  на јавен настан на ЦИВИЛ на тема „Можеме ли заедно?“.

„Етницитетот и културата се сепак на некое второ место. Сепак, сметам различноста на работното место апсолутно придонесува за добросостојбата за секој бизнис. Тоа мешање на култури, различни начини на живеење само ја обогатува работната средина и сите учат едни од други бидејќи секоја култура има нешто што се специфично за нив. Со соработниците од странство сум почувствувал дека таа разлика ја обогатува работата, ја прави работата полесна и побогата за некои искуства. Во бизнисот сепак мора да се заврши работата, тоа е основен критериум, но бизнисите кои се мултиетнички финансиски подобро стојат и луѓето се поефикасни во своето работење.   На пример младиот директор на Google, тој е Индиец затоа што бил способност и никој не ја гледал бојата на неговата кожа. За диверзитетот, пример директорот на Apple е геј, отворено зборува за тоа, и повторно тој е тој после Стив Џобс и ја дигна вредноста на Apple за 3 милијарди долари.

Сите големи компанија мораат да преземат мерки да се подобри диверзитетот на својата компанија, а тоа придонесува за состојбава, за атмосферата и за тоа како компанијата е свртена кон светот. Освен внатрешната благосостојба, компанијата проектира една состојба на диверзитет на неограниченост и напредност, а тоа и помага на компанијата да го изврши бизнисот.

Во инфорпект, ние се бавиме со изработка на софтвери на големи компании. Не се случило да направиме софтвер кој не е мултилингвален. И мојата компанија се труди да биде во тој тренд на различностите, на прифаќање на таа култура што ќе биде полесно за корисниците да ја користат“, истакна Орданоски.

„Кога веќе се бавиш со актерство, некогаш играме девици некогаш играме убијци. Актерството секојдневно ме учи да ги почитувам различностите. Преку актерството го живеам светот. Нас секој подеднакво не боли, сите сме од крв и месо. Ние истите текстови ги правиме само на различни јазици (македонски/албански). Ние често на сцена преку емоции комуницираме некогаш не треба ниту да збориме“, истакна  актерката Владанка Димковска на јавниот настан на ЦИВИЛ на тема „Можеме ли заедно?“.

„Бев во Београд викендов на една претстава и таму бевме сите од ексју просторите и никој не зборуваше за војни, за проблеми туку зборувавме за еднаквоста, за соживотот. Моето мото е дека не постојат граници“, додаде таа.

„Во последниве 5 години сум активен студент по психотерапија и тоа ми помага да ги сфатам работите кои сум ги правела порано и сум ги правела природно, сега им се дава теоретска позадина. Кога зборуваме за мултикултурализам, недискриминација, за прифаќање на различностите, од психолошка точка може да се каже дека е потреба за контакт“, истакна активистката Лиса Баута Шаќири на јавниот настан на ЦИВИЛ на тема „Можеме ли заедно?“

Потребата за контакт се поистоветува со потребата за јадење пиење…

Во контактот со себе ќе видиме дека стапуваме во контакт со различни луѓе. Во нашето битие можеме да бидеме различни. Различно реагираме на добри и различно реагираме на лоши нешта, и по тој пат учиме како да ги прифатиме различностите во себе во исто време учиме како да ги прифатиме туѓите различности.

Ние природно го имаме тоа дека сакаме и можеме да живееме заедно. Во општествена смисла, било на која база да е различноста, ние треба да живееме заедно и тоа доведе дека ние живееме во ист простор но паралелно. Ние цело време се делиме по милион основи. Ние треба да живееме заедно и да ги негуваме различностите“, нагласи таа.

Дебатата е дел од Иницијативата „Направи разлика: Почитувај ги различностите“ што се спроведува со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.

Преземањето на содржините е добредојдено, според лиценцата Creative Commons 4.0.

Дехран Муратов и Ирена Крџиќ
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети