Работилница за граѓански новинари во Струмица

Во одлична атмосфера во гостољубивата Струмица, Караванот на слободата ја започна својата програма со работилница за граѓански новинарки и новинари „Биди граѓански новинар“, како дел од проектот „Граѓански објектив“.

Обуката се одржа во Домот на АРМ, каде петнаесетина млади луѓе, покрај обуката, беа интерактивни и ги споделија своите искуства и размислувања за граѓанскиот и онлајн активизам, за граѓанското новинарство и за секојдневните предизвици со кои се соочуваат граѓанките и граѓаните, во контекст на кршење на човековите права и слободи.

IMG_3172

Активното учество и заинтересираноста на учесниците дополнително ги мотивира предавачите, претседателот на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Џабир Дерала и Синиша Станковиќ, уредник на ЦИВИЛ Медиа.

Секој од свој агол, тие ја претставија медиумската, но и општествената криза во која Македонија тоне се подлабоко. На тој начин, преку актуелни примери, наградени фотографии и видео материјали од наградните циклуси на натпреварот „Биди граѓански новинар“, но и од сопственото искуство,  тие им помогнаа на учесниците во профаќањето на тезата дека секој граѓанин кој има желба да се активира на планот на борбата за човекови права и слободи, може да биде граѓански новинар.

IMG_3232

„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од National Edowment for Democracy.

 

ЦИВИЛ Медиа