Аномија е поим кој е воведен од францускиот социолог Емил Диркем со што се означуваат неефикасни општествени норми, закони, прописи и вредности што доведуваат до дезорганизација и дестабилизација на друштвата, како и конфузија кај моралната свест кај поединецот, а честопати и до деликвентно однесување.
До состојба на аномија доаѓа во време на општествени и политички кризи, војни и протести, како и во време на општествена транзиција каде што престануваат да важат старите норми и традиционални вредности, а новите сѐ уште не се воспоставени. Оваа состојба допринесува до дезоријентација на членовите на тоа општество во потрага за повисока социјална положба што го наметнува новиот општествен поредок.
Според Диркем, во општество каде што старите вредности исчезнуваат, а новите не се појавуваат настанува хаос. И токму оваа состојва се нарекува аномија. Во состојбата на аномија, според неговото истражување, се зголемува стапката на самоубиства.
Оваа теорија кој е напишана при крајот на 19 век како да се рефлектира врз целокупното македонско општество. Самата транзиција во која сме заглавени скоро триесеттина години не ни дозволува да го надминеме нашето аномично општество.
Општество во кое имаме религиски, меѓунационални, класни, генерациски и без број други разлики кои како да не сакаме да ги надминеме. А можеме, способни сме за тоа.
Како еден од најголемите проблеми со кои се соочува нашето општество, а и безброј други кои се во период на транзиција особено како нашата, е токму неадаптирањето на новиот систем во кој живеат. Токму овие години на транзиција ние се „самоубиваме“ секој ден, младите и просперитетни луѓе бегаат од земјава само затоа што не се партиски подобни да се вработат, основните човекови права и слободи се прегазуваат, и најважно од сѐ е тешката финансиска состојба која го предизвикува целокупното нетрпение.
Токму самата дезориентираност кај луѓето доведува до финансиска нестабилност, но токму таа нестабилност го разнишува општествениот поредок кој лесно е подложен на политички кризи.
По долги години се влеа надеж дека можеби ќе се случат промени и дека ќе излеземе од вртлогот на транзицијата. Можеби ја добиваме последната шанса и треба паметно (рационално) да ја искористиме.
Време е да ја прегазиме „диркемовата клетва“ која не следи веќе три децении.
Давид Стојановски