Сведоци сме дека во изминатите десеттина години се случуваа реформи во образовниот систем, коишто, за жал, во поголем дел беа лоши и беа во корист само на владеачката структура, а никако во корист на оние за кои беа наменети - учениците. Тие реформи главно се базираа на поголемите контроли и зголемените казни за професорите кои беа буквално потчинети на режимот.
Директорите на сите средни училишта беа бирани по мерка на Градот Скопје и тогашниот градоначалник Коце Трајаноски со кого беа и сè уште се во блиска партиска или пријателска релација. Наместо, по логиката на нештата, директорите на училиштата да се бираат со мнозинство гласови од страна на колективот и во тој контекст да се избере некој кој е најспособен за да застане на таа функција.
Сето ова има директно влијание и се рефлектира врз квалитетот на самото образование и учениците. Режимот замина но проблемите останаа.
Нам ни требаат суштински промени, а не технички какви што ни беа нудени досега. Нема да биде лесно да се направи нов образовен систем, но со поголем напор и само со вистинска посветеност ќе се успее.
Промени мора да се случат и тоа веднаш! Бркање од работа на секој партиски вработен професор и тоа бркање со клоци до штабот од каде што има дојдено.Но истите професори да не се заменат со други партиски полтрони.
Директорите треба јавно да се извинат на колективот и на учениците за притисоците и опструкциите што ги правеа не само за време на средношколскиот бојот, туку и за она што следеше потоа. Тие самите да си дадат отставка од функцијата, пред да ги избркаат за барем и таа мала човечност што ја имаат да не ја изгубат.
Треба да има промени и во наставните еденици и во годишната програма. Училиштето да биде културна установа за секој поединец и да градиме силен општествен поредок да разговараме за проблемите и да ги почитуваме различните мислења, а не како досега наставниците да ни продаваат политичка пропаганда. Не треба да се помириме со укинувањето на екстерното тестирање, тоа го заслуживме!
Итно е потребно подигање на организацијата на училишните заедници на едно повисоко ниво, со оглед на фактот што истата е пасивна и не прави апсолутно ништо со години! Да не дозволиме истите работи да ни се повторуваат!
Ние самите мора да се активираме , да го дигнеме глесот и да докажеме дека борбата за подобро образование не е лажна. Дека целиот револт рефлектиран преку средношколскиот бојкот не беше залудно губење на часови туку, подигнување на свеста и штитење на нашите права и на правата на генерациите кои допрва доаѓаат.
И после 3 години го добивме тоа што го сакавме и тоа што го заслуживме (укинување на екстерното тестирање), но ни следи период во кој мора да има промени (конструктивни). Сево ова може да стане реално само ако се активираме и јасно и гласно кажеме што сакаме. Ние тоа го можеме !
Давид Стојановски