Прилеп: Партиско-новинарска „коалиција“ ја уредува општинската веб-страница?

Додека власта со огромни напори се обидува да ја убеди јавноста во Македонија и претставниците на меѓународната заедница дека ќе го почитува Договорот од Пржино во поглед на регулирањето на медиумската сфера, примери за партиско-новинарски бракови на централно и на локално ниво, ја разголуваат тажната слика за Македонија како „темен вилает“ во кој владее хаос и сé е дозволено во беспоштедната борба за гола манипулација со гласачкото тело, низ продавање „патриотизам“ и со продлабочување на етничките амбиси, со единствена цел – опстојување на функциите

По повод привршувањето на работите на изградбата на црквата „Св. Петка“ во прилепската населба „Точила“, на веб-страницата на Општина Прилеп беше пренесена изјава за медиумите, на градоначалникот Марјан Ристески. Во таа прилика, Ристески, меѓу другото, според страницата, рекол: „Храмот ‘Св. Петка’ е еден од најубавите новоизградени православни храмови во Прилеп, изграден во чест на Света Петка, и во чест на загинатите 10 прилепски бранители, кои токму на овој ден 2001 година загинаа, бранејќи ја татковината од албанскиот агресор“.

Сѐ до денес, јавноста не дозна што сé точно се случуваше во Македонија во 2001 година, но тогашните настани најчесто беа дефинирани како „воен конфликт“. Оттаму, наводната изјава на Ристески дека десетте прилепски бранители загинале „бранејќи ја татковината од албанскиот агресор“, прозвучи прилично збунувачки и предизвика различни коментари.

izjava marjan risteski

Изјавата на градоначалникот Ристески

Со оглед на ваквата изјава на актуелниот градоначалник во три последователни мандати и поранешен висок партиски функционер, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, побаравме објаснување и Ристески и Службата за односи со јавност на прилепската локална самоуправа ги прашавме дали изјавата на градоначалникот за „албанскиот агресор“ е негов личен став за настаните од 2001 година, или е тоа партиски став на ВМРО-ДПМНЕ?

korigirana izjava na marjan risteski

Корогираната изјава на веб-страницата на Општина Прилеп

Наместо од локалната самоуправа, одговор ни стигна од уредникот на прилепската ТВ „Канал Визија“ Елизабета Филипоска.

Таа во мејлот објаснува дека текстот објавен на веб-страницата на Општина Прилеп бил нејзино дело, дека го пишувала од позиција на уредник на ТВ „Канал Визија“, без притоа во целост да ја преслуша изјавата на градоначалникот!? Исто така, Филипоска пишува дека, во трка со времето, ја парафразирала изјавата на градоначалникот, а терминот „албански агресор“ го употребила без зла намера, мислејќи на конфликтот од 2001 година.

„Текстот во отсуство на лицето за односи со јавност на Општина Прилеп, го доставив јас до администраторот и така е проследена на веб-страницата на Општина Прилеп. Грешката ја преземам во целост и морам да потенцирам дека тоа ниту е мој личен став, ниту имав зла намера, ниту имам претензии кон одредена група граѓани во Република Македонија, едноставно, новинарска грешка. Затоа, тоа ниту е личен став на градоначалникот или на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, ниту став на Општината“, вели уредничката на ТВ „Канал Визија“.

Во целата новинарско-политичка каша, неколку работи делуваат мошне симптоматично. Нејасно е како уредник на приватен, независен медиум, истовремено може да пишува текстови за општинската веб-страница? Дали фактот што уредникот, без целосно да ја преслуша изјавата на градоначалникот, си дозволил - не да парафразира, туку да импутира зборови кои тој воопшто не ги кажал (што го потврдува видео-материјалот со автентичната изјава), значи дека и во изминатите година била спроведувана ваквата пракса?

 

 

Истовремено, збунува и убеденоста на Филипоска дека употребата на терминот „албански агресор“ не е став на градоначалникот Ристески, ниту на Општина Прилеп или на ВМРО-ДПМНЕ, особено што никој од нив не ја демантираше и не се огради од изнесената формулација на настаните од 2001 година.

Без успех, за жал, останаа обидите да стапиме во контакт со управителот на ТВ „Канал Визија“, Рубин Крстески и да го добиеме неговиот коментар за овој, слободно може да го наречеме, скандал, во кој е инволвиран медиумот на чие чело тој се наоѓа. Остана неодговорено прашањето на одговорноста, ако произволното толкување на конфликтот од 2001 година од уредникот на неговиот медиум, добиеше уште посериозни политички импликации?

Тоа што, во меѓувреме, од текстот е отстранета спорната квалификација за „албанскиот агресор“, воопшто не ја намалува вината, ниту на уредникот на медиумот, ниту на градоначалникот и неговата Служба за односи со јавност, кои дозволиле општинската веб-страница да ја креираат лица кои воопшто не се вработени во локалната самоуправа?!

И сето ова, се случува во предизборие, кога сѐуште се кршат копјата околу Законот за медиуми и кога власта не сака да признае дека ставила знак на равенство меѓу државата и партијата. Посочениот пример, само еден од многуте, целосно ја демантира власта и го илустрира предизборниот лов во матно.

Зоран Милошески


 

civiv-lenses-logo-en-lf-500x414-500x414-1-500x414

Оваа содржина се објавува во рамките на јулскиот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објектив на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.