ЦИВИЛ и во октомври продолжува со уште подинамично темпо со проектни активности, секогаш во блиска комуникација со граѓанките и граѓаните, и институциите на локално и регионално ниво.
Теренските активности на самиот почеток на октомври започнаа со инфо-штандови за „Зелена иднина“ на неколку локации во центарот на Скопје, а ќе продолжат и понатаму наредната недела. На овој начин, тимот на ЦИВИЛ е во директна комуникација со граѓанките и граѓани, преку информативни и едукативни материјали и разговори, споделувајќи ги идеите, ставовите и можните решенија на проблемите и да придонесат кон општествени промени во секоја сфера од животот, со промоција на зелени вредности, социјална правда и антинационализам.
Во октомвриската агенда на ЦИВИЛ е општинскиот настан „Зелена иднина“ во Струмица , на 15 октомври, со почеток во 13 часот. На работилницата за време на настанот, се предвидува учесничките и учесниците активно да се вклучат во дискусија за темите на настанот и да се обидат да најдат начини за граѓанско учество во донесувањето на одлуките.
На тема граѓанско новинарство, како алатка за мониторинг и разобличување на погрешните политики и практики, со што се придонесува и кон транспарентно и одговорно општество, организира еднодневен регионален семинар во Прилеп, во градската библиотека „Борка Талески“, на 19 октомври, со почеток во 10 часот. Право на учество имаат апликантите од општините во Пелагонискиот плански регион: Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци и Долнени. Учеството е можно со пополнување на АПЛИКАЦИЈА ЗА УЧЕСТВО, по што посебна комисија при ЦИВИЛ одлучува за нивното прифаќање.
Семинарот „Граѓански објектив: Граѓан(к)ите учествуваат, набљудуваат и известуваат“, е можност за сите свесни и активни граѓанки и граѓани со своето учество и активизам да придонесат кон промоција на транспарентни и одговорни политички процеси. ЦИВИЛ, од друга страна, обезбедува иновативен, извонредно динамичен, интерактивен и практичен пристап кон темите опфатени со семинарот. Тимот на предавачи од ЦИВИЛ ги промовира и можностите што ги пружа напредокот и достапноста на новите технологии и комуникациски платформи за полесен, побрз и поефективен начин на влијание во правец на промовирање и воспоставување на транспарентното и одговорното општество.
Конференцијата „Доаѓа времето на Зелените“ ќе се одржи на 25 октомври во хотел „Порта“ (Аеродром) од 12 до 14 часот. На конференцијата се поканети граѓански организации и иницијативи, политичките партии и институциите на национално и локално ниво. На конференцијата ќе се говори за предизвиците и можностите во областа на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, како и за нивната меѓусебна поврзаност и неделивост, за што цврсто се залага ЦИВИЛ.
„Поддршката од граѓанките и граѓаните е огромна, а со рационален менаџмент, верувам дека тимовите на организацијата, како и многу пати порано, ќе докажат дека можат да се справат успешно со големиот обем на работа и разновидност на темите. Впрочем, сите проекти и активности се дел од долгорочната стратегија на ЦИВИЛ и се дел од нашите заложби, па оттаму, секоја активност е во контекст на човековите права и слободи“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Одговорноста и транспарентноста во политичките процеси, граѓанското учество, активизмот и граѓанското новинарство се дел од работата на ЦИВИЛ веќе петта година, со поддршка од National Endowment for Democracy.
Демократските трансформации, заложбите на човековите права и слободи, мониторинг на општествените и политичките процеси, јакнење на слободата на изразувањето и медиумските слободи, се дел од организациските и проектните заложби на ЦИВИЛ со големиот проект „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
ЦИВИЛ од неодамна е еден од грантистите и на швајцарската програма за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, ЦИВИКА МОБИЛИТАС, во чии рамки се јакне организацијата и се поддржуваат сите сегашни и идни проектни и организациски заложби, а во насока на поддршка на реформскиот курс на земјата.
ЦИВИЛ во континуитет продолжува да работи на јакнење на свеста кај граѓанките и граѓаните, едукација и мобилизација во борбата против корупцијата, лажните вести и дезинформациите, кршење на човековите права и слободи.
„Доколку активно останете со ЦИВИЛ и се вклучите во нашите активности, крајот на месецот носи нови интересни и корисни настани што не би сакале да ги пропуштите. ЦИВИЛ, како и секогаш навремено ќе ги информира граѓанките и граѓаните за своите активности, со покана до сите да бидат активни учесници во истите. Во меѓувреме следете ја медиумските платформи на ЦИВИЛ: ЦИВИЛ Медиа, Green CIVIL, специјализираниот сајт за граѓанско новинарство, Граѓански објектив, како и на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер“ – повикуваат од Тимот за комуникации со јавноста на ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ им посакува успешен и активен месец на сите свои поддржувачи и членови и ги повикува да бидат активни и гласни во поддршката на општествените и политичките промени во земјата.
ЦИВИЛ Тим за комуникации