Предизборен извештај за мониторингот на ЦИВИЛ

ЦИВИЛ денеска ги соопшти извештаите и анализите кои опфаќаат низа аспекти.

Фокусот на овие избори е на политичкото финансирање, лажните вести и говорот на омразата, злоупотребите во различни категории од мониторингот и мерките за заштита од коронавирусот. ЦИВИЛ уште еднаш ќе ги упати пораките во пресрет на изборниот ден. На пресот ќе се говори на македонски, албански и ромски јазик.

„Од речиси 900 предизборни активности за кои партиите дале пари во предизборната кампања, две третини се финансирани од најголемите политички партии од власта и опозицијата, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, трета по големина нарачател е Левица, а веднаш по неа е „непознат нарачател“, утврди тимот на ЦИВИЛ за мониторинг на финансирањето на предизборната кампања. Од 20 јуни до полноќ на 9 јули, тимот за мониторинг регистрираше вкупно 895 активности, во огромно мнозинство видео-спотови и спонзорирани содржини на Фејсбук“, истакна Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Дерала додаде дека тимот на ЦИВИЛ го почна мониторингот на 20 јуни и до официјалниот почеток на кампањата, 24 јуни, регистрираше 20 настани што беа предвремена кампања, од речиси сите партии. Во тој период беа регистрирани девет партиски јавни собири и пет видео спотови.

„Најголем дел од содржините во изборната кампања се спонзорирани објави на социјалната мрежа Фејсбук, вкупно 406. До 9 јули на полноќ биле објавени 381 видео-спот, голем дел како спонзорирана објава на Фејсбук, а партиите одржале 81 митинг и јавен собир. Мониторингот регистрираше 62 случаи на дистрибуција на промотивен партиски печатен материјал. Како посебна поткатегорија, тимот издвои 44 случаи на „црна кампања“ против политичка партија, а регистрираше и 19 случаи на политичко рекламирање вон законски утврдените рамки, 13 случаи на скриена кампања…“, додаде Дерала.

Од вкупно 44 случаи на „црна кампања“, речиси во сите станува збор за видео-спотови, освен во 6, кога биле растурани флаери со кои се оцрнува одредена партија. Во 22 случаи нарачател била ВМРО-ДПМНЕ, во два нејзини симпатизери, а во 9 случаи СДСМ. Во 10 случаи нарачателот бил непознат, а кампањата била против СДСМ во 6 случаи, против ВМРО во три и во еден случај против СДСМ/Беса.

Мониторингот на ЦИВИЛ издвојува 9 најчести Фејсбук страници кои шират говор на омраза и дезинформации:

  1. Чао Заев со 31.214 следбеници на страницата
  2. Мај Тап со 30.251
  3. Види Види со 27.552
  4. Секула Војвода Фан Клуб со 19.405
  5. Налет да се сторите со 15.233
  6. Зоран Заев предавник број 1 со 11.942
  7. Слобода или Смрт со 4649
  8. Ни Курто ни Мурто со 966
  9. Павел Шатев со 33 следбеници

Здруженија кои земале учество во овие објави со споделувања, лајкови или коментари се:

  1. Трета Политика со 4.575 следбеници
  2. MK Dijaspora Europe со 20.600
  3. УМС Враништа (профил на кој не се видливи пријателите )

ЦИВИЛ ќе објави листи со имиња на профили на сејачи на лажните вести и говорот на омразата.

Најдоцна до утре напладне ЦИВИЛ ќе ги објави анализите и целосниот извештај од мониторингот на изборната кампања.

Во однос на објавувањето на имињата на профилите, ЦИВИЛ забележува реакции, односно згаснување на број повлекување на дел од страниците и молби од некои од нив да се тргнат одредени текстови, каде се презентираат тие случаи, и бара од надлежните институции да преземат законски мерки да се спречи и санкционира говорот на омраза, но одзивот речиси секогаш е многу мал.

„Класичен пример за тоа е вандализмот врш седиштетот на ЦИВИЛ, кој беше со говор на омраза, со закани и навреди, како и телефонските закани кои ги добивме. Јавното идентификување има големо значење и се надевам ваквиот начин ќе придонесе за подигнување на свесноста и културата на граѓаните“, истакна Биљана Јордановска од ЦИВИЛ.

 

This post is also available in: Albanian