Пописот - статистичка операција во време на здравствена криза

Статистика

Државниот завод за статистика извести дека заклучно со 12 март во 8 часот наутро преку апликацијата за самопопишување се евидентирани  49 837 лица. Апликацијата за самопопишување, како што информираат од ДЗС, е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година и Упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот.

Безбедност при спроведување попис

Во меѓувреме и покрај зголемениот број на позитивни на Ковид-19, сепак до ДЗС  уште не се стигнати насоки за одложување на пописот. Со цел обезбедување поголема безбедност на попишувачите кои ќе го спроведат Пописот на населението, надлежните на 12 март, исто така, известија дека се подготвени и соодветни здравствените протоколи.

Министерот за здравство, Венко Филипче на 11 март, изјави дека се подготвени и за правење тестови, и оти има капацитети да се направат и да се промени протоколот доколку има потреба.

Опозицијата, пак, побара одложување на пописот во септември, останувајќи на ставот дека негово спроведување во април може да предизвика ризик за здравјето на граѓаните.

На 11 март, Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ со „ургенции“ кај меѓународниот фактор во земјата побара за одложување на пописот. Како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ во писмото што Мицкоски го испратил до амбасадорите освен за  одложување на пописот, од истите причини, здравствена состојба во земјата, се бара и одложување на локалните избори наместо во октомври, да се одржат во ноември.

Изјави

Оваа недела останаа забележани и неколку изјави на експерти и политичари токму за потребите од попис и влијанието на опструкциите за спречување на неговото спроведување.

Од Државниот завод за статистика за ЦИВИЛ изјавија дека пописот може да се изврши и пред вратите на домовите, па дури и пред влезовите во зградите.

„Сите граѓанки и граѓани кои не се чувствуваат комфорно да им дозволат на попишувачите да влезат во нивните домови, истото можат, како што препорача и Комисијата за заразни болести, попишувањето да го извршат пред вратите на своите куќи или станови, а доколку временските услови дозволуваат во моментот, истото може да се спроведе во надворешни услови, односно во дворовите на куќите или пред влезовите на зградите“, одговорија од ДЗС за ЦИВИЛ.

„Сите податоци кои што ги имаме од базите не ги попишуваме, ги имаме. Тие што не ни се докомплетирани, ги попишуваме и ги споредуваме со базите. Но, има податоци кои што ги нема во ниедна база, како што е верска определба, етничка определба. Морате да го направите. Има сигурно и други податоци кои што се собираат директно, како што се членови на домаќинства, бројот на членови, на деца, образование и слично. Затоа пописот е намален во делот на прашалниците, за еден дел веќе имаме електронски податоци, а еден дел само го споредуваме“, изјави премиерот Зоран Заев, на 10 март.

Политикологот Благојче Атанасовски, на Утрински брифинг на 11 март, изјави дека повиците за неотворање врата се антидржавен чин, а самиот бојкот како инструмент започнале да го користат силите со безидејна политика.

„Мора да се направи оваа рентген-слика на нашето општество, особено поради масовното иселување. Потребни ни се податоците за демографските особености за да се проектира идниот развој, а критикувани бевме и во европските извештаи. Доколку се запазуваат сите мерки и протоколи нема да дојде до нагло зголемување на бројката на заразени, а тоа ни го покажа и добрата организација на минатогодишните предвремени парламентарни избори“, оцени Атанасовски.

Попис: Статистика, не политика

Панел дискусијата на  ЦИВИЛ „Попис: Статистика, не политика“ што се одржа во Гостивар за јавноста беше одлична можност да се слушнат ставовите и мислењата на нивните локални претставници: Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар, Бесим Мемеди, претседател на совет, Зоран Ангелов – координатор на советничка група на СДСМ и  Марјан Силјаноски- советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Многу сум оптимист дека ова е последен попис што во државата ќе се извадува физички. Во странство кога им треба попис на секои 6 месеци пуштаат апликации и населението се попишува онлајн. Што ќе постигнат малите партии што ќе сакаат да го бојкотираат пописот? Што ќе постигнат со тоа? Јас ги повикувам да подразмислат убаво, најмногу за нивните деца“, порача градоначалникот Таравари.

„Ние не сме за бојкот на пописот, бидејќи ни е потребен попис. Дебатата за законот за попис требаше да опфатат повеќе политички партии. Власта отфрли 40 амадмани од ВМРО-ДПМНЕ. Се согласувам дека пописот е математичка операција – а не политичка“; истакна Марјан Силјаноски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Ние треба да ги мотивираме граѓаните да се оддржи овој попис. Како лекар повиќувам кога ќе се оди во куќи каде што се знае дека има позитивни да се оди добро подготвени да не се зарази уште некој, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита од Ковид-19“, нагласи Бесим Мемеди, претседател на Совет на Општина Гостивар.

„Отселувањето на младите кадри за жал е многу големо и затоа мора да знаеме колку се отселени, на која возраст се и образованието нивно да го видиме. Во графата за етничка припадност секој ке се попише како се чувствува. Се надевам на успешно спроведен попис со почитување на сите мерки кои ќе ги препорача комисијата з заразни и сите мора да се придржуваат кон тие мерки“, заклучи Зоран Ангелов, координаторот на советничката група на СДСМ.

За крај, овонеделниот СКЕН-политички видео магазин „Дебатата за пописот во Штип, вистински пример за конструктивен дијалог“ ретроспективно не враќа на претпоследната панел дискусија на ЦИВИЛ во Штип и важноста на пописот на локално ниво.

Б. Јордановска