ВОЈО МАНЕВСКИ
Ако нешто се случува секоја недела и не е многу интересно. Ако е еднаш во годината и така и така, ама ако има некакво вековно обележје секако треба да се обрати внимание. Ако пак е еднаш во милениум, мора да му се даде заслужено место. Ете тоа беше моето размислување кога прочитав дека на денешен ден ќе се помрачи месечината. И таквото помрачување се случило последен пат во 1440 година. Не додржав со читањето податоци и веднаш тргнав во дворот да видам како месечината добила необична боја или некакава темнина. Искрено немам поима како тоа изгледа, а и се сомневам дека има некој кој има искуство со тоа, навистина одамна било ваквото помрачување. Прво што помислив дека замрачувањето е од Источната страна и кон нас рефлектира црвенило во облик на црна рака. Уф, си помислив, кој сега ќе трпи формирање на нови астрономско – историски комисии со нашиот сосед! Веднаш ќе се најдат некои историчари кои ќе докажуваат дека последното помрачување било во времето на некој цар од предолгата државна традиција на Бугарија. Веднаш го насетувам објаснувањето дека распоредот на ѕвездите и затемнувањето на месечината директно влијаеле на падот на царството под Отоманско ропство. Добро, не било во таа деценија, ама горе доле тогаш било. А се очекува безусловно да ја признаеме историската вистина зошто без тој услов нема да можеме да напредуваме во нашиот дог пат кон Европа. Ќе ни стои замраченоста, а без светло и без патоказ може да залутаме. Како што сме сѐ почесто дезориентирани, опасноста е реална.
Сѐ уште непаднатите лисја на оревот, што без ничија дозвола, стои во семејниот двор последните шеесет години, ми го помрачуваат погледот кон месечината. Се напрегам да видам, мракот да не ја покрива месечината од јужната страна. И од таму постои можност да стигне затемнувањето поради траорот за падот на Византија. Историчарите знаат дека во вторник на 29 мај 1443 година, Османлиите го освоиле Цариград. Датумите не се поклопуваат, ама се менувале календарите, па можно е тој датум да се поклопува. Знаете како се соопштува на јавнооста „според најновите истражувања и податоци до кои дошле научниците“ тоа се случило токму на денешниот датум. Помала е опасноста од помрачувањето од југ зошто ги поделивме календарите и сега секој за своја сметка си одбележува. А и Константин XI бил од династијата Порфирогенети, а не од македонската династија на Василиј. Се смирувам додека се напрегам да ја здогледам месечината надвисната јужно од старата тврдина Исар. Излегувам од заштитата на ореовата крошна и ја здогледувам месечината во целата нејзина полнотија. Никаде не е нагризана, како што велат моите сограѓани, ама некако сомнителна ми е нејзината положба. Како да е закачена директно над црквата св. Спас.
О, проклета диоптрија, што ме спречува да видам чисто и кон северниот дел на месечината. Постои опасност ѕвездите и месечината да се наредиле по некаков за мене незнаен ред и да претскажуваат нешто. Само што ли ќе е тоа? Зошто токму виси старата месечина над овој храм? Зарем не знае дека го подигнал војвода Димитрие, стотина години пред последното помрачување. Е овде е опасноста од северното помрачување. Тој бил во служба кај цар Душан и ако сега помрачената месечина стои токму над неговиот храм, тоа мора да има некаков езотеричен знак. А историјата вели дека токму во тие години и последниот српски владетел исчезнал во историските маглини. Ако тогаш се затемнило, а сега се повторува истото, мора да има некакво длабинско значење.
А, да не сме дел од истиот свет? Ова мора да се земе сериозно зошто ако лееме солзи за Тома Здравковиќ во истоимениот филм, мора нешто од заедничкото влијание од помрачувањето да останало насекаде каде светлоста не достигнала. А и за нашата месечината се далеку двесте километри, колку е одалечено родното Печењевце на пејачот од овдешните предели, посебно кога е затемнета.
На западна страна не гледам некакво помрачување на месечината. Малку како таму да ја менува бојата кон потемно и една линија како да ја дели западната страна. Уф, бре проклета диоптрија! Не можам да видам колкав дел е тоа од месечината, но ми изгледа дека е скоро една третина. Добро не се потпирајте на моите математички познавања, има затоа личности кои сѐ можат да пресметаат математички прецизно. Делбите им ги оставам ним.
Се ослободувам од прегратката на сенките и на чист фронт гледам во месечината. Ааа, тука си стара пријателке! Сме се дружеле ние двајца и друг пат и кога си вака во цело, но и кога се изедена, па само едно српче од тебе ми правеше друштво. Сега те гледам цела и чиста како детско лице, без ниту една сенка. Да драги мои, месечината над мојот град не е замрачена. Нема сенки ниту од било која страна. Нема покривка од никаде. Свети како новите лед светилки низ улиците на мојот град. Се прашувам истата ли е оваа месечина за која велат дека вечерва ќе се помрачила. А можеби ние си имаме и наша страна на месечината, која не ја зафаќаат белосветските помрачувања. Или можеби јас гледам од некоја погрешна страна, но тврдам дека на денешен датум месечината над Штип не е помрачена.
Свети месечината, а јас се обидувам да и испратам порака, да и го поматам мирот вселенски. Да и напишам стих не умеам, да ја опцујам не е убаво. Ми преостанува само да гледам во неа и тивко да ја замолувам кога ќе се ослободи од опасните помрачувања посилно да свети. Можеби со таа светлина ќе си го најдеме патот до пристојниот свет каде политичарите не се единствени ѕвезди, каде театарските премиери се празник за публиката и актерите, каде во недела се собира семејството на заеднички ручек и каде минувачите дури и на непознатите им посакуваат добар ден.
Е бре месечино, долга е редицата на моите желби, а не сум само јас има илјадници како мене кои ти испраќаат желби. Затоа терај си ја својата работа како и до сега, без разлика колку другите небески тела ти ја затемнуваат светлоста.
Вчера беше св. Архангел, и не е на одмет и нему да му упатиме молби за подобро утре. Белки тој како водач на ангелите има некаква моќ да нареди поголема светлина во зимските денови кои наидуваат. Можеби тој може да нѐ спаси, ако веќе оние што требаше тоа да го направат, пропуштија да го сторат. Можеби тој може да помогне да има струја за целата зима, во другите веќе верба немаме. На слави не се собираме, зошто министерот со царско презиме не предупреди дека тоа е опасно по нашето здравје, а не сме се виделе со роднините скоро две години.
Ако сакаш Архангеле на соборот на ангелите, изнеси го и нашиот проблем зошто овоземските собори немаат време, ниту слух за нас.
И ете јас сум прв што ќе ти упатам молба и тоа на свој начин. Ќе вкрстам пола литро тиквешко и печено прасечко и тој крст самиот ќе го понесам. Секој својот крст нека си го носи.