По изборите (привремено) стивна говорот на омразата

По завршување на парламентарните избори кои се одржаа на 15 јули, Мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележува пад на говорот на омраза во однос на предизборниот период кога се одвиваа партиските кампањи.

Во предизборната кампања на политичките партии имаше голем број случаи на говор на омраза и дезинформации од самите партии и нивните членови, но и од одредени портали. До денот на изборите, Мониторинг тимот забележа над 100 случаи кои содржат говор на омраза, дезинформации, расизам, закани, навреди, па дури и повици за линч на Фејсбук и Твитер.

Со завршување на изборите не заврши говорот на омраза и дезинформациите. Меѓутоа, тоа што нѝ го привлече вниманието е што по неколку денови по изборите, Фејсбук страниците и Твитер профилите кои  редовно објавуваа(т) содржини со говор на омраза и дезинформации, го успорија ритамот на објавување. Освен неколку исклучоци, најголем број од политичарите прекинаа со црната пропаганда што ја водеа за време на предизборната кампања.

Дали причината за намалениот обем на говор на омраза се должи на неофицијалните конечни изборни резултати на ДИК, и целата енергија ја посветија на тој случај? Или…?

Дел од содржините со говор на омраза што ги откри Мониторинг тимот на ЦИВИЛ се веќе објавени и достапни за јавноста, исто така се достапни и за надлежните институции. Во наредниот период ќе бидат објавени содржини со говор на омраза, но и профилите на мразачите!

Сепак, иако деновиве е намален бројот на случаи, ЦИВИЛ ја забележува штетата која се нанесува од ваквите објави. ЦИВИЛ ќе продолжи да ги регистрира и да им се спротивставува на овие дејствија и бидејќи во нашето општество нема место за говор на омраза.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ