Партиското „гласило“ на Левица, со две лажни вести во три дена

Партиското „гласило“ на Левица, шири лажни вести и дезинформации. Само во изминативе три дена, забележани се две лажни вести поставени на порталот. Двете лажни вести се експресно демантирани и разобличени, но (во моментот на пишување на овој текст) сè уште не се тргнати од порталот.

Снимка од екран од порталот Антропол

„Цивил шират кампања за попис додека Дерала е позитивен од ковид-19“, е насловот на написот на порталот, преку кој се пласира лажна вест, се дезинформира јавноста, се нарушува угледот на личноста и се шири паника. Потоа таа лажна вест се пренесува на социјалните мрежи и се „надградува“ со експлицитен говор на омраза и клевети.

На фејсбук групата „Не отварам врата“, пишува „провладиниот невладин исп**** од Цивил Џабе Се Дерала скоро 2 месеци си прави карвани низ цела Македонија собира народ и шири Корона по луѓе за да ги убедува дека попис во сред трет бран пандемија е многу добра работа“. Објавата освен што е лажна вест, содржи навреди и говор на омраза.

Оваа дезинформација, експресно беше демантирана од Дерала:

„Од почетокот на ковид кризата бев четири пати во изолација, а се тестирав точно пет пати. За голема жал на пропагандистите, можам да соопштам дека НА СИТЕ ТЕСТОВИ СУМ НЕГАТИВЕН .

Антитела: НУЛА, што значи дека не сум го ни прележал ковидот.

А вистина е дека се сретнав со повеќе од 2.000 луѓе за една година, посетив преку 40 населени места, учествував на огромен број настани. Цело време, здрав како дрен .

Како заклучија пропагандистите дека сум бил позитивен, навистина не знам. Мојот твит утринава се однесуваше на „брзината“ на поштата, а не на мојата здравствена состојба – фала на прашање, добар сум .

Неписмени се или само бескрајно злобни? Или и двете?“, објави Дерала на својот Фејсбук профил.

Втората дезинформација пласирана од истиот портал ја манипулира јавноста дека на пописот во Швајцарија, Mакедонците можат да се попишат како северномакедонци, а не како Македонци.

Доколку се провери на германски што значи напишаното, ќе сфатите дека ова е дезинформација и извртување на вистината, пишува Вистиномер.мк во својата анализа.

 

 

Во написот од Антропол се манипулира со германскиот збор Nordmazedonien, каде дезинформираат дека тоа се однесува за етничката припадност.

Германски јазик зборот Nordmazedonien не се однесува на етничката припадност, туку се однесува на името на нашата држава, Северна Македонија. Според тоа, лажно е тврдењето дека на пописот во Швајцарија Македонците се нарекуваат северномакедонци. Текстот на портолато намерно ја користи ваквата дезинформација за да ја манипулира јавноста и за политички да поентира. И на официјалната веб страна на германското министерство за надворешни работи, Република Северна Македонија е именувана како Republik Nordmazedonien. Ако станува збор за „северномакедонци“, тогаш на германски би пишувало „Nordmazedonier“, „Nordmakedonier“, „Nordmazedone“ или „Nordmakedone“, потсетуваат од Вистиномер.мк. Во анализата упатуваат и на германската Википедија, каде за етничката група пишува Mazedonier, а не Nordmazedonier.

Што ни покажуваат ови две наменско пласирани дезинформации?

Се зема таргетирана вест, се фабрикува, се пакува како дезинформација и потоа се шири на социјалните мрежи. Често во таа контаминирана „сеидба“ на дезинформацијата помагаат платени или изманипулирани „влијателни ликови“ од социјалните мрежи. Кругот на пропагандата се затвора со наменски креирани Фејсбук групи преку кои се шират лажните вести.

Карактеристично за овој „производствен процес“ е што сетоа тоа е поткрепено со неизбежен говор на омраза и дискфалификации кон целната група или поединецот што се цел на овие лажни вести.

Ј. Ѓорѓиоски / Frontline.mk