Аналитичарот, новинар и професор, Сашо Орданоски на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Сајбер нападите - предизборно оружје“, зборуваше за неодамнешниот сајбер напад врз серверот на „Слободен печат.
„Слободен печат којшто во последните два три месеци успеа да го дуплира и триплира својот сообраќај и влезе во 10те најчитани информативни портали. И тоа веројатно беше причината за повеќедневен напад.
Нападот е всушност загушување на сообраќајот на серверот.
Серверите на Слободен печат се лоцирани во Франција. Првите предупредувања стигнаа од таму, дека сме под жесток напад. Интересно во случајот е што компанијата идентификуваше 5 адреси од каде се врши нападот кои беа од Македонија. Некој да се дрзне од Македонија, и тоа не од приватни туку од државни институции како еден од поголемите државни универзитети, од едно од поголемите министерства во владата, една од најголемите енергетски компании, една од најголемите ИТ компании и од поголемите национални телевизии... Тоа се адреси кои би требало да бидат максимално заштитени.
Компанијата го пријави нападот во Одделот за компјутерски криминал во МВР не само затоа што е сериозен напад врз нашата компанија, каде секако имате огромни морални и материјални штети, туку бидејќи се работи за ретка прилика каде се идентификувани адресите и сметавме дека е важно да се идентификува начинот на којшто се извршени овие напади.
За да се провери дали нивните сервери биле хакирани што е многу веројатно.
Ако овој напад е проба пред изборите тоа може да има сериозни политички импликации. Замислете што ќе се случи ако на 3 април некој го хакира серверот на Фондот за пензиско осигурување, на пример. Зад тоа не стојат луѓе кои се шегувале тој ден, туку се работи за промислен организиран и смислено изведен напад“, истакна Орданоски.
М. Ивановска