Политичкиот аналитичар и професор д-р Сашо Орданоски зборува за граѓанското новинарство и за тоа дали и колку ваквото новинарство може да придонесе за потранспарентни и одговорни процеси.
Во недостаток на подобар термин, она што денеска се случува ние го нарекуваме граѓанско новинарство. Инаку, тоа со новинарство нема врска. Во принцип, вие кога ќе се разболите не одите на граѓански доктор, туку одите на доктор кој има завршено медицински факултет. Бидејќи занаетот, како во лекарската професија, така и во новинарството, е важен.
Меѓутоа, денеска е илузорно да се разговара за или против граѓанското новинарство затоа што сите ние во џебовите носиме по едно телевизиско студио. Проблемот е во тоа што новинарството има строги стандарди коишто треба да се научат. Новинарството е професија којашто не е наука, но е занает кој треба да се знае. Кога тие стандарди и занаетчиски правила не се познаваат тогаш добиваме една тотална какофонија, којашто се пренесува на социјалните медиуми и која најчесто одмага на демократијата, а не помага.
Затоа ние денеска се занимаваме со тоа кој во која кафеана седел, каква му била фискалната сметка кога станал откако ги изел кикиритките и тоа има 300.000 лајкови и не знам колку гледаност на социјалните мрежи, а сериозната дебата за реформата на образованието има 3.000 гледачи. Луѓето веќе изгубија потреба за контекст, затоа што ова, таканаречено граѓанско новинарство не се занимава со контекстот, што е суштината на новинарската професија, туку се занимава со тоа кој е побрз во пласирањето на „веста“.
Дојдовме до тоа новите генерации не само што не го бараат контекстот да се види и втората страна, туку се бара фотографија за да се види една илустрација за нешто што се случило, а којашто не кажува ништо за околностите во кои се случило.
Бесмислено е прашањето што јас мислам за граѓанското новинарство, тоа не е новинарство, но е нешто што се случува, коешто не може да се избегне. Нешто што сум сигурен дека ќе му пресуди на професионалното новинарство. Бидејќи луѓето веќе немаат ниту време, ниту потреба да се занимаваат со контекстите, а суштината на новинарската професија е да се објаснат контекстите на фотографиите коишто ги гледате.
Мислам дека заради тоа новинарството е професија во изумирање и прашање е уште колку години ќе може да опстане. Од една страна ќе се навикнеме на оваа исклучително голема фреквенција на бесмислености, на губење време… Потоа, тоа, пак, има една дополнителна карактеристика што значи дека ќе се изгуби одговорноста околу тоа што се разговара и како се разговара за одредени настани. Тоа е веројатно новиот стандард на кој се повеќе се навикнуваме.
Тоа потоа ќе се рефлектира врз тоа како ќе се прави политиката. Бидејќи и политиката не е невешта. Таа ќе почне да ги манипулира таквите граѓански новинари на начин на кој на политиката и одговара. А на политиката секогаш и е полесно да изманипулира граѓански новинар, од новинар којшто ја разбира политиката и знае да ги постави вистинските прашања.
транскрипт и монтажа: Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов
фотографија: Марија Вишинова