„Не постои подобра техника за мобилизирање на масите зад некоја политика од производството на национални предавници“ (Роберто Беличанец, „Предавниците и другите соросоиди“, Црната Книга, стр. 28)
ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
„Ексклузивното“ објавување на т.н. “Non-paper” за македонско – бугарскиот спор од „Клан Македонија“, и покрај демантите од Владата и претседателот на државата дека станува збор за официјален предлог, предизвика бура од медиумски содржини, дел од кои изобилуваа со невистини, потпалувачки говор и говор на омраза.
Оваа куса анализа се осврнува на потпалувањето етнички страсти и говор на омраза во колумната со наслов „Ќе прифатите ли да бидеме бугаромакедонци?! Пендаровски? Заев? Ало другарчиња, изјаснете се!“ од уредникот на „Плусинфо“, Бранко Героски, како при неговото гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа од страна на еден од водителите, Горан Момироски, кој во емисијата изјави дека „ќе се леат реки крв за оваа работа“.
„Патриотскиот“ говор на омраза во колумната на Бранко Героски
Во една прилика укажав дека „патриотскиот“ говор на омраза е препознатлив по намерата за разгорување, поттикнување, или оправдување на омраза кон внатрешните и надворешните „непријатели“: „Во основата на ваквиот говорот на омраза е поделбата на „Ние“ („патриотите“) и „Тие“ (непатриотите), кои се етикетирани со најразлични стигматизирачки називи“. (видете „Патриотски“ говор на омраза (1)).
Авторот на колумната „Ќе прифатите ли да бидеме бугаромакедонци?! Пендаровски? Заев? Ало другарчиња, изјаснете се!“, прави токму такви поделби и се обидува да потпали етнички страсти и да разгори омраза кон „непријателите“ користејќи повеќе реторички стратегии:
- Креирање паника и ширење теории на заговор дека некој сака да тргува со нашиот национален идентитет: „Тоа е страшно! Мириса, море труе на обид за срамна трговија со нашиот национален идентитет“ – пишува Героски во колумната, употребувајќи етикети и стигматизирачки изрази кон „клетниците“ и „пазарџиите“.
- Предизвикување на чувство на опасност и страв дека е нападнат националниот идентитет и упатување јавен повик за негова одбрана: „Ги повикувам сите Македонци, без оглед каде се, но и без оглед на нивната политичка определба или афилијација, да го вклучат алармот и да застанат во одбрана на својот национален идентитет!“ – пишува Героски во колумната.
- Предизвикување на чувство на загрозеност и манипулирање со чувствата на Македонците: „Нашето македонско национално чувство, драги мои, ќе стане „аспект“!“ – заклучува Героски во колумната, врз основа на неговото произволно толкување на делови од објавениот нон-пејпер, кој Героски го толкува како предлог (и покрај сомнежите во неговата веродостојност, за кои извести „Сител“ повикувајќи се на дипломатски извори).
- Непристоен потпалувачки говор, исполнет со навреди и пцости кон неидентификуваните автори на нон-пејперот: „Јебо вас аспект, стоки едни! Ма пичка ли ви лепа материна, ако смеам да кажам од овој мој и наш аспект! Ебете се, тоа е сѐ што вие, клетници, автори на ова нонпејперско срање, треба да знаете за мојот и нашиот македонски наратив!“ – пишува Героски во колумната, кршејќи го етичкиот стандард за пристојност во изразувањето.
- Ширење дезинформации дека во нон-пејперот имало предлог да бидеме „Бугаромакедонци“ (иако овој термин воопшто не се среќава во објавениот текст) и дека нашите деца и внуци треба да учат „дека не се Македонци“ (такво нешто нема во објавениот документ): „Нонпејперот, драги мои, го предлага токму тоа – да прифатиме да бидеме и Бугари и Македонци! Бугаромакедонци! Нашите деца и внуци треба да учат дека се такви безидентитетски полутани. Дека не се Македонци. Море мамката мрсна!“ – пишува Героски, кој дезинформациите ги зачинува со српскиот збор „полутан“ (мелез) и ги „крунисува“ со бугарска пцовка.
- Манипулирајќи со говор „од име на народот“ („ние Македонците“), небаре неприкосновен и врховен судија за националниот идентитет, авторот на колумната на крајот ги повикува претседателот и премиерот да се огласат за „овој предлог“ (кој не е никаков предлог) и да го отфрлат, за да не извршеле „национално предавство“: „Јавно ги повикувам претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, веднаш, без одлагање, јасно и гласно, да се огласат за овој предлог! Ги повикувам да го отфрлат енергично и без дебата! Сѐ друго ќе биде рамно на национално предавство!“ – пишува Бранко Героски, користејќи потпалувачки „патриотски говор“ кој поттикнува омраза и поделби на „патриоти“ и „предавници“.
- Поттикнување на омраза и нетрпеливост кон македонските Бугари со употребата на изразот „бугаромакедонци“ како нешто крајно неприфатливо и како идентитетско „страшилиште“: „Ќе прифатите ли да бидеме бугаромакедонци?! Пендаровски? Заев? Ало другарчиња, изјаснете се!“, пишува Бранко Героски во насловот на текстот, поистоветувајќи го изразот „бугаромакедонци“ со омаловажувачкиот расистички израз „идентитетски полутани“.
Сите овие реторички стратегии – креирањето паника и ширење теории на заговор; предизвикување на чувство на опасност, страв и загрозеност; непристојниот потпалувачки говор исполнет со навреди и пцости; намерното ширење на дезинформации; манипулативниот говор „од името на народот“; поттикнувањето на омраза и нетрпеливост кон македонските Бугари со употребата на изразите „бугаромакедонци“/„идентитетски полутани“ – се во функција на производството на национални „предавници“, што е дефинирачка карактеристика на „патриотскиот“ говор на омраза.
Ваквиот говор е неспоив со новинарската професија, затоа што „Јазикот на новинарите секогаш треба да биде одмерен и неутрален, наспроти оној што нуди готови заклучоци и судови и е, или се граничи со говорот на омраза“ („Прирачник за етиката во новинарството“ на ЗНМ).
„Патриотскиот“ говор на омраза во „Заспиј ако можеш“
Во емисијата „Заспиј ако можеш“ од 13.09.2021, гостинот Бранко Героски беше претставен како „бард на македонското новинарство“ и го коментираше „скандалозниот нон-пејпер од „анонимен“ извор за решавање на македонско-бугарскиот проблем“ (кајрон) во разговор со домаќините Горан Момироски и Драган Милосављевиќ.
Откако Момироски одлучно изјави „Јас овде тврдам дека ова го има направено кабинетот на Зоран Заев“ (52.20), гостинот Бранко Героски не се согласи со ова тврдење, односно дека му изгледа дека нон-пејперот е направен во некоја друга земја. Притоа, Героски истакна дека не би бил толку сигурен дека нон-пејперот е неприфатлив за некои луѓе тука:
Героски: „…не би бил толку сигурен…“
Момировски: „дека нема да биде прифатено?“
Героски: „Сешто може, сè е можно…“
Момировски: „Геровски, ќе се леат реки крв за оваа работа. Тоа мислам дека на сите ни е јасно…“ (54.37-54-50)
По неколку минути, откако погледна во својот телефон, новинарот Момировски ја дообјасни својата изјава за „реки крв“:
Момировски: „Еве веднаш добив пораки дека сум претерал со изјавата дека ќе се леат реки крв. Можеби претерувам дека реки ќе се леат, но дека ќе се лее крв, ако некој се обиде да ни наметне дека ние сме „Бугаромакедонци“, тука немам никаква дилема, и не сакам да звучи ова како закана, повеќе како предупредување до тие што ги носат одлуките, добро да внимаваат, добро да измерат што може да им се случи. Па, нека биде и закана еве, Русковска кога веќе не може да ја гони власта, може мене да ме гони.“
Героски: „Ќе ни направиш беља сега, немој сега, ќе те чека „Марица“. Претера, да, претера.“ (1.01.40-1.02.14).
Која е разликата помеѓу професионален и непрофесионален новинар?
Како прво – професионалниот новинар нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација врз која било основа – незамисливо е за еден професионален новинар да дава изјави „ќе се леат реки крв за оваа работа“, и да ги квалификува таквите изјави како предупредувања или закани. Новинарот има обврска да штити од насилство и дискриминација и да не прави поделби на „ние“ и „тие“ кои поттикнуваат на омраза или непријателство.
Како второ – кога одредено лице ќе изјави „ќе се лее крв, ако некој се обиде да ни наметне дека ние сме „Бугаромакедонци“, тука немам никаква дилема“ – навистина нема никаква дилема дека тоа лице не настапува како професионален новинар, туку како лице кое говори со јазикот на омразата.
Како трето – кога одредени лица намерно шират дезинформации (дека во нон-пејперот станувало збор за „Бугаромакедонци“) и теории на заговор (дека некој се обидува да им наметне на Македонците дека се „Бугаромакедонци“), тие лица не постапуваат како новинари, затоа што ширењето на дезинформации и теории на заговор е неспоиво со професионалното новинарство, исто како и говорењето со јазикот на омразата и насилството.
Токму затоа, ваквиот потпалувачки и заканувачки говор, проследен со ширење на дезинформации и теории на заговор, треба да биде осуден не само од професионалните здруженија на новинари, туку и од сите граѓани што се свесни за огромните штети кои говорот на омраза ги нанесува во јавните комуникации и општествените односи.