Николовски: Правата кои ги имаат функционерите не можат да останат без контрола

Заменик премиерот за борба против корупцијата и криминалот, Љупчо Николовски, на Конференцијата за човекови права, правда и антикорупција „Следна Станица: Европа“ во организација на ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на човековите права истакна дека во борбата кон правично општество и борбата против корупцијата Владата поставила јасна цел и темели во четири годишната програма, да гради систем кој одвраќа од злоупотреби на корупција и јасно ја лоцира одговорноста.

„Започнуваме отворена битка во која некој што го прекршил Законот нема да биде иземен од одговорност, заедно со мојот кабинет сме решени да работиме на мерки и активности кои ќе придонесат во спречувањето на корупцијата. Процесот не е лесен и факт е дека не може нешто што со години се толерирало да се реши веднаш, но затоа за ефикасни мерки и резултати потребна е вклученост на сите чинители, не само на надлежните институции туку и на невладиниот и приватниот сектор, на медиумите и граѓаните“, истакна Николовски.

Николовски додаде дека во изминатите три месеци успеале да преземат дел од важните мерки за превенција и борба со корупцијата, но дека имаат уште многу работа.

„Прво што започнавме воведовме пракса за интезивна кооринација и меѓуинституционална комуникација на едно место на сите институции надлежни токму за борбата против организираниот криминал и корупцијата. Од одржани состаноци со сите институции заеднички детектиравме многу слабости и проблеми на кои ќе работиме во периодот што следи. Инспекциските служби се важен контолорен механизам за спроведување на законите, уредбите и протоколите, затоа воспоставивме интезивна координација со инспекцискиот совет, во насока на поефикасни контроли со законски измени ги зголемивме надлежностите на сите инспекциски служби. новите измени ја оправдаа целта, а резултатите се видливи. Новиот контролен механизам кој го имаат сега инспекторатите има и превентивна улога, се намалуваат прекршоците на законите, мерките, но и на субјектите кои мислеа дека можат да ги прекршуваат законите, а притоа да немаат одговорност“, додаде Николовски.

Николовски додаде дека со новиот Кодекс за етичко однесување на членовите на Владата и функционерите именувани од Владата, покрај министрите и замениците, се опфатени сите функционери именувани од Владата.

“На овој начин ќе ја зголемиме транспарентноста и оттченоста на сите функционери и институции и ќе покажеме дека Законот важни подеднакво за сите, дека не постои селективност во неговата примена. Транспарентноста и отвореноста се половина од борбата против корупцијата, затоа Владата донесе одлука со која сите надлежни институции, вклучително и општините и градот Скопје се обврзани во рокот од 30 дена да ги објават јавно на своите веб страници сите документи и информации поврзани со нивната работа. Функционерите се лицето на државата и тие треба да се најдоброто од нас, затоа и правата кои ги имаат тие функционери не можат да останат без контрола. Формиравме работна група чиј што приоритет е да ги ревидира дискреционите овластувања кога станува збор за именување на функционерите“, додаде Николовски.