Одредени медиуми и профили на социјалните мрежи, објавија дека Сорос и Град Скопје го финансирале кампот со средношколци „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“ на Првиот скопски извиднички одред (ПСИО), во кој според дел од родителите имало спорни активности за сексуална едукација, јави Цивилмедиа.
Но, Фондацијата Отворено општество – Македонија ги демантираше овие написи, кои се појавија во Курир, Република, Нетпрес, Лидер, Вечер и Плус Инфо, а кои имплицираат дека го финансирала извидничкиот настан. Фондацијата посочи дека дала поддршка за друг проект на извидничкиот одред, чија цел била неформална едукација за деца и млади во природа и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
По демантот од Фондацијата, Плусинфо ја избриша веста од својот сајт. И од Град Скопје соопштија дека во проектот за кампот не била наведена активноста, најавија прекин на договорот со ПСИО и се оградија од активностите, кои предизвикаа бурни реакции.
Црната пропаганда кон Сорос е глобален феномен. И кај нас, со години се оцрнува не само оваа Фондација, туку и многу други организации, активисти, новинари и личности кои се поврзуваат со неа, и кога немаат воопшто никаква врска.
Но создавањето непријатели нема врска со вистината, туку е пропагандистичка алатка, чија цел е дефокусирање на јавноста за полесно остварување на нечии лични цели. Затоа, граѓаните треба да ги отфрлат овие содржини и нивните создавачи, а вниманието на јавноста да се насочи кон реалните проблеми на општеството и остварување на јавниот интерес.
Петрит Сарачини