Нарушување на тајноста на гласање, вербални напади кон набљудувачите на ЦИВИЛ, проблеми со Избирачкиот список во ИЕ2 во прелиминарниот извештај на ЦИВИЛ

Изборна единица 2 ги опфаќа општините Куманово (149 избирачки места, 18 влегуваат во ИЕ3), Липково, Старо Нагоричане, Арачиново, Гази Баба, Бутел, Чаир, Шуто Оризари, Чучер –Сандево и Ѓорче Петров.

Според неофицијалните конечни резултати, објавени од Државната изборна комисија во Изборната единица 2 Коалиција ВМРО-ДПМНЕ освои 7 мандати, Коалиција „Можеме“ 7, ДУИ 3 и Алијанса за Албанците и Алтернатива, исто така, освои 3 мандати. Во ИЕ 2, Коалиција Можеме доби 47.891 гласови, Коалиција ВМРО-ДПМНЕ 47.929,  ДУИ 22.374, Алијанса за Албанците и Алтернатива 20.912, Левица 5.896 и ДПА 1.858 гласови.

Во досега обработените извештаи од набљудувачите на ЦИВИЛ што набљудуваа во ИЕ 2 забележани се 133 нерегуларности во повеќе категории. Според класификацијата на настани, забележани се проблеми со Избирачкиот список, нарушување на тајноста на гласањето, незаконито однесување на набљудувачи, незаконито работење на органите на Државна изборна комисија, како и незаконито однесување на гласачите/граѓаните и на набљудувачите. Имаше и пријави за непочитување на протоколите за заштита од корона вирусот.

 Гласачи / Граѓани

Во Чаир во избирачко место 2901, ОУ „Иднина“ пријавен е случај каде таткото приложил своја лична карта и лична карта на својата ќерка и гласал и за двајцата.

Во избирачко место 1028, Клуб на воени резервни старешини, Куманово, гласач откако го остварил своето право на глас, се обрати кон Избирачкиот одбор со зборовите: „Штом веќе сте сѐ напишале на албански јазик, што не сте напишале и на ромски (цигански) на овие гласачки ливчиња“.

Во избирачко место 2515, ОУ 25 мај, Синѓелиќ, општина Гази Баба, забележан случај на групно гласање, едно лице спроведува тројца, им ги носи личните карти, ги спроведува формално зад параванот, тој заокружува место нив и го става гласачкото ливче во кутија. Никој од Избирачкиот одбор не реагира.

Во избирачко место 2914, ОУ „Живко Брајковски“, Бутел, гласач си го сликал гласачкото ливче тоа го виделе и не реагирале од избирачкиот одбор

Во избирачко место 1061, ОУ „Христијан Карпош“, Куманово забележан случај каде внатре во избирачко место мажот гласно им кажувал на жената и ќерката кој број да заокружат. Избирачкиот одбор не реагирал.

Во 2546, ООУ „Кирил и Методија“, Гази Баба, на глас еден од гласачите и’ нагласил на својата сопруга да го заокружи број 14.

Во 1016, М.З. Перо Чичо, Куманово, случај на семејно гласање: маж и жена заедно зад еден параван гласале.

Во 2940, „ОУ Исмаил Ќемали“, Чаир, пријавен случај каде сопруг и асистира на сопругата како да гласа

Во избирачко место 1055, Економско училиште „Моша Пијаде“, Куманово, на гласач со маска од политичка партија (ВМРО ДПМНЕ) му било дозволено да гласа без да ја смени.

Изборна администрација

Во избирачко место 2920, ОУ „Петар Здравковски Пенко“, Чаир членовите на избирачкиот одбор, викале по набљудувачот на ЦИВИЛ и прашувале зошто се менувале толку многу набљудувачите на организацијата.

Во избирачко место 1064/1 Техничко училиште „Наце Буѓони“, Куманово, 2 членови на ИО се со пуштени маски додека гласачите поминуваат кај, ИО дозволува на едно лице да помага на постаро лице кое има потешкотии во гледање, меѓутоа лицето не помага туку кажува на другото лице што да заокружи

Во избирачко место 1026, ОУ „11 Октомври“, Куманово – А. Ж. активен гласач со истечен рок на лична карта за време на кризата/вонредната состојба, не беше во листата на гласачи, од страна на ИО и беше посочено да напише приговор и ја евидентирале во записник

Пред „ОУ Ацо Шопов“, Бутел каде се сместени избирачки места од 2946 до 2952, набљудувачот по завршен мониторинг го извадил беџот. Еден од полициските службеници што ги обезбедувале овие избирачки места се свртел кон набљудувачот со зборовите: Ти немој да ми се шеташ многу со тој беџ, оди влези во училница и седи таму. Набљудувачот одговорил дека е мобилен и е од ЦИВИЛ, на што полицискиот службеник рекол: Немој многу да се расправаш, ќе ти кажам после јас на тебе. Истиот службеник во меѓувреме им се заканувал на граѓаните што дошле да гласаат дека ќе ги казни парично.

Во избирачко место 1054, „Шевро“, Куманово, член на избирачки одбор кој не носел беџ, a бил задолжена за прскање спреј, јавно изјавувал непосредно пред да се означи почеток на изборниот ден, дека сите тука што се од избирачкиот одбор се за опцијата “Oбнова на Македонија”.

Во избирачко место 2498, Гази Баба, ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Член на избирачки одбор со понижувачки тон се обраќал кон набљудувачот. Претседателот на ИО  реагирал.  Што всушност се случило?

Едно лице кое седело до претседателот евидентирал број на гласачи, но не носел акредитација. Набљудувачот ја прашал претседателката кои од присутните се всушност членови на избирачкиот одбор. Една од присутните одговорила дека сите се од некоја партија, а таа е од ВМРО-ДПМНЕ. Набљудувачот збунет од одговорот го повторил прашањето бидејќи видел дека има акредитација како член од ИО, таа го дала истиот одговор, притоа покажувајќи на друг член од ИО дека и тој е од партија. Откако сфатила што е прашањето и кој прашува одговорила: „Од кој си ти, ау од Цивил, па баш на тебе ќе ти кажувам”.

Во избирачкото место 2575, ООУ „Ѓорче Петров“, Ѓорче Петров  на Избирачкиот спиоск го нема гласачот Н. Р.

Во избирачко место 1057  ОУ „Христијан Карпош“, Куманово гласачот Ѓ. С. го нема во Избирачкиот список. Како на овој гласач, така и на сите останати додека набљудувачот бил присутен во оваа избирачко место членовите гласно ги изговарале името, презимето и улицата на која живее на секој гласач кој влегол во избирачкото место.

Во избирачко место 2572, ООУ „Мирче Ацев“, Ѓорче Петров гласачот Ј. М. Н=го нема на Избирачкиот список.

Во избирачко место 2946, ОУ „Ацо Шопов“, Бутел,  кога се менувале членовите на ИО (дошла втора смена), при броење на гласачите од Избирачкиот список, односно колку се потпишале и броење на ливчињата од кочанот, утврдиле дека фалат 4 гласачки ливчиња од кочанот.

Во избирачко место 2931, ОУ „Панојот Гиноски“, Бутел на набљудувач на ЦИВИЛ му е одземено овластувањето за набљудување кое е дадено од страна на ДИК без некое посебно образложение од страна на извесна Д. Ј., член на избирачки одбор  По интервенција во ДИК вратено е овластувањето и се извиниле.

Во избирачко место 1057/1 ОУ „Христијан Карпош“, Куманово, членовите на избирачкиот одбор гласно ги читале имињата на гласачите. Истото е забележено и во избирачко место 2503/1 ОУ „Крсте Мисирков“ во Гази Баба.

Во избирачко место 2922 „Петар Здравковски Пенко“, Чаир, на глас се читало името на одреден гласач, неколку пати, со викање. Откако тој го замолил членот на ИО кој го извикувал неговото име, да престане, еден од партиските набљудувачи му рекол: „не се секирај, веќе е предодредено“.

Во избирачко место 2948/1, ОУ „Ацо Шопов“, Бутел избирачкиот одбор проверувал кој се гласал по Избирачкиот список и по телефон пренесувале кој можат да најдат. Во ходникот на училиштето полицаец по телефон кажувал кои семејства веќе гласале.

Во избирачко место 2564, Урбана заедница, Ѓорче Петров, исто така, на глас се читаат податоците од личната карта на гласачите, а се дозволувало влез на повеќе гласачи.

Во 2651, ОУ „Димо Хаџи Димов“, Ѓорче Петров, еден од членовите на избирачкиот одбор му се обратил на нашиот набљудувач со зборовите:  „Што правите вие од ЦИВИЛ, цел ден сѐ различни ж да не се контролирате меѓу себе?. Во целиот тој период додека бил присутен набљудувачот, избирачкиот одбор имале некоректен однос кон него.

Во 2954 ОУ „Лиман Каба“, Бутел гласач го нема на Избирачкиот список бидејќи му била истечена личната карта.

Во избирачкото место 1013/1 Гимназија „Гоце Делчев“ Куманово се читале на глас имињата на гласачите.

Во избирачко место 2920 „Петар Здравковски Пенко“, Бутел,  претседателот на избирачкиот одбор при самото влегување на набљудувачот, почнал да вика: Што е ова, само се менувате, досадни сте веќе, ставете еден човек да седи цел ден, а не вака еден по еден… ајде, ако најдеш место седни некаде…“

Во избирачко место 1604/1 – Техничко училиште „Наце Буѓони“, Куманово, на гласачите на глас им се читале личните податоци.

Во избирачко место 1057/1. ОУ „Христијан Карпош“, Куманово гласачот С. В. ја нема на Избирачкиот список, а го имало при увид во Избирачкиот список на страната на ДИК. Не можел да го оствари правото на глас.

Во 1068, Техничко училиште „Наце Буѓони“, Куманово гласачот замина зад параванот за гласање без притоа да му биде испрскан прстот со спреј. Истиот тој член што беше задолжен за прскање спреј, не ликакво беџ дека е член на избирачки одбор.

Набљудувачи

Во 1000/1 Музичко училиште „Панче Пешев“, Куманово набљудувач добил коментар од од набљудувач на СДСМ веќе да не се враќа во тоа избирачко место.

Во 2917 „Петар Здравковски Пенко“, Бутел, еден од партиските набљудувачи на набљудувачот на ЦИВИЛ му се обратил со зборовите: Вие од Цивил се напунивте со пари, кажи колку земате… кажи де…

Во избирачко место 1000, Музичко училиште „Панче Пешев“ Куманово, партиски набљудувач на секои 5 до 10 минути излегувал од избирачко место и зборувал на телефон, со секое влегување со него влегувал и гласач, максимум двајца.

Во 1054 „Шевро“ Куманово домашен набљудувач јасно и гласно искажува презир и навреда кон гласач кој бил од ромска припадност и кој одел со помош на патерица. Набљудувачот рекол: “Сѐ такви ни дојдоа денска да гласаат, сѐ такви несаглам, болни, ни гледаат, ни слушаат, овие наши, здрави, никаде ги нема”

Во општина Бутел, населено место Радишани, Ј. М.  Од ВМРО-ДПМНЕ се шетала низ населбата без беџ од ДИК и на постарите граѓани им викала да заокружат 14, бидејќи така се договорени и дека ќе се видат на крајот.

Во избирачките места 2880 и 2881 ОУ „Хасан Приштина“, Чаир, набљудувач на ЦИВИЛ поради сомнение за поткуп на гласачи, иако веќе ги посетил овие избирачки места, повторно се вратил. На 500 метри подолу поранешен дуќан е претворен во штаб на ДУИ. Набљудувачот забележал дека постојано влегувале луѓе што веднаш штом ќе излезат одат на гласање во горенаведените избирачки места. Набљудувачот се обидел да искомуницира со неколкуте гласачи, но бил грубо и со закани одбиен

Полиција

Во 2906 ОУ „Климент Охридски“, Бутел повеќе од 20 полициски лица во униформа и во цивилка со елек од полиција се седнати пред изборното место, и еден од нив пушта гласно видеа од актуелни политичари и нивни говори кои потоа ги коментирале.

*

Пропратно во секој од 133 обработени извештаи за Изборна единица 2, се спомнуваат нерегуларности во однос на протоколот за заштита од корона вирусот. Најчести забелешки се однесуваат на некористење дезинфекција на раце од гласачите, неносење правилно маска, ракавици…

Мониторинг тим на ЦИВИЛ