„Опозицијата со целокупната своја активност веќе однапред го девалвира она што би требало да претставува реална бројка добиена во рамките на пописот, која што понатаму треба да се искористува за планирање, правење на стратегии, акциони планови и сл. Било реално да влијае на таа бројка, било да влијаат со тоа што ќе ја намалат сигурноста на луѓето во самата бројка, однапред го осудуваат на неуспех самиот попис и тоа е неверојатно негативно делување на опозицијата, наместо да се труди да се направат такви промени во законската регулатива кои би овозможиле што е можно пореални бројки коишто понатаму можеме да ги искористиме“, вели универзитетската професорка Мирјана Најчевска за ЦИВИЛ.
Таа смета дека не е добар ставот на опозицијата за одлагање на пописот, од било кои причини, (било од Ковид или слично), бидејќи не е соодветен и заради тоа што изгубивме премногу време.
„Потребни ни се вистинските, реалните бројки за населението во Македонија, како за економски, социјални и правни предвидувања, така и токму заради Ковидот и потребите коишто се поврзани со справување со пандемијата. Меѓутоа, се она што се однесува на потреба од промени во предлогот на Законот за попис, на законските решенија кои се однесуваат на потполно усогласување со барањата на Еуростат и европските правила дефинитивно сметам дека се во ред и треба да бидат прифатени заради тоа што во моментот добиеното мислење вика дека во некои широки рамки е во согласност со европската регулатива ова што е дадено.
Меѓутоа, во неколку члена Законот не е во согласност со европските правила и посебно во оној дел кои што ги одредува кој се попишува и на кој начин се попишува. Значи се попишуваат само оние кои во моментот се наоѓаат на територијата на државата, и се попишува на начин кој овозможува што е можно повеќе оној кој ги дава податоците навистина да ги знае тие податоци, односно да не доаѓа до манипулација или до узурпирање на личното право на луѓето за давање на податоци.
Со овие барања и на ваков начин на поставени барања од опозицијата во секој случај се дезавуира однапред она што ќе се добие како реална бројка од пописот, било заради тоа што голем број од луѓето нема да ги дадат податоците од овие или они причини, било заради тоа што ќе се роди сомнеж кај луѓето во реалноста, во вистинитоста на податоците.
Лично мислам дека треба да се направи сè што е можно да се адресираат вистинските проблеми во законската регулатива кои се однесуваат на добивањето на реални податоци. Доколку навистина власта покаже желба да ги адресира овие вистински проблеми коишто може да предизвикаат недоверба во бројките мислам дека голем дел од населението на поинаков начин ќе реагира, на поинаков начин ке се однесува кон попишувачите и на тој начин ќе се издигне довербата во пописот.
Сепак, топката е во рацете на власта којашто може да адресира, да направи промени кои ќе соодвествуваат на приближување на Законот кон барањата и стандардите на Еуростат“, вели Најчевска.
текст, камера и монтажа: Дехран Муратов