Набљудувачите на ЦИВИЛ во Штип и Пласница јавуваат за мирен и навремен почеток на изборниот ден

Изборниот ден во општините Штип и Пласница започна мирно и навремено. Набљудувачите на ЦИВИЛ известуваат дека имало неколку случаи во кои бележат непочитување на здравствените протоколи. На неколку места е забележано отстранување графити на објектите во кои се наоѓаат избирачките места, што е соодветно на правилата.

Во текот на ноќта е забележано кршење на изборниот молк. Извештај за почетокот на изборниот ден ЦИВИЛ објави на прес конференцијата во 11 часот.

Со информации за текот на предвремените локални избори за градоначалник во Штип и Пласница, ЦИВИЛ денеска ќе одржи пет прес конференции и тоа во: 11, 13, 17, 19 и 21 часот, по што ќе се одржи и панел дискусија.

Прес центарот во Штип се отвори во 6:30 минути наутро, а ќе го покрива и гласањето и во Пласница. Се очекува прес центарот да биде отворен цели 16 часа, до 22:30 часот, а по потреба и повеќе – јавуваат од Организацијата. Сите прес конференции ќе се пренесуваат во живо, на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ.

Првата прес конференција со првичните наоди за гласањето на 11 и 12 декември, како и извештај за мониторингот на изборната кампања, беше одржана синоќа во Штип, во 19 часот, исто така, пренесувана во живо.

Изборниот ден во Штип и Пласница го следат 30 акредитирани набљудувачи на ЦИВИЛ.

Еден дел од набљудувачите се активни од првиот ден на официјалната изборна кампања која започна на 21 ноември. Мониторингот се спроведува во 16 категории, вклучувајќи го и почитувањето на мерките за заштита од коронавирусот. Во мониторингот спаѓаат и категории на нерегуларности како што се: закани и притисоци, вандализам и насилство, злоупотреба на деца, корупција и изборен поткуп, говорот на омразата и лажни вести.

ЦИВИЛ ги повикува и охрабрува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат изборни нерегуларности во текот на денот на гласањето на онлајн формуларот на веб страницата Слободни избори.

Сите активности на ЦИВИЛ ќе бидат достапни и на медиумската платформа на организацијата, а дел од нив ќе можат да се следат и во живо на Фејсбук страницата ЦИВИЛ МК.


Извештај од прес конференцијата одржана на 12 декември во 19 часот:

ЦИВИЛ на прес конференција информираше за текот на изборите за градоначалници на општините Штип и Пласница