На Денот на Европа, ЦИВИЛ повикува на одбрана, унапредување и промовирање на европските вредности

ЦИВИЛ им го честита Денот на Европа на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија и на Европа.

На 9 Мај се слават европските вредности, кои се основата на Европската Унија. Почитување на човековото достоинство и човековите права, слобода, демократија, еднаквост и владеење на правото се фундаменталните вредности на Европска Унија кон кои се обврзани сите земји членки на најдинамичниот и најпрогресивниот сојуз на држави во светот.

Како организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ веќе две децении неуморно се залага за почитување на човековите права и слободи, слобода, правда, еднаквост и владеење на правото, кои се дел и од европските и општочовечките вредности.

Денот на Европа, 9 Мај, го одбележуваме во исклучително тешки и сложени околности. Пандемијата на коронавирусот, економска криза и рецесија, растот на радикализмот, ксенофобијата и авторитарните тенденции во повеќе земји на Европа го одбележуваат овој период.

ЦИВИЛ ја истакнува важноста на европските вредности и ги повикува сите поединци, заедници, институции и политички или граѓански организации на сите нивоа во земјава и во Европа, да ги удвојат напорите за одбрана, унапредување и промовирање на тие вредности, на секое место и во секое време.

Членството во ЕУ беше и останува една од највисоките национални цели и стратешки интерес на Република Северна Македонија од основањето до денес. Живееме во период на предизвици кога, со прифаќањето и негувањето на европските вредности, секој од нас може да даде драгоцен придонес кон ЕУ интеграциите и кон подобрувањето на животот на сите граѓанки и граѓани на нашата земја, но и на Европа.

Македонските граѓанки и граѓани имаат извонредна можност да дадат придонес нашата земја да биде лидер и европски пример за почитување на европските вредности и на тој начин да го подобрат квалитетот на живеењето во овој период, тежок за целиот свет.

This post is also available in: Albanian English