МВР: „Тик-токерот“ што помина патарина без да плати не е полициски службеник, ќе биде казнет

Секторот за внатрешни работи Тетово го расчисти случајот со видео-клипот објавен на 15 јануари годинава на социјалната мрежа „Тик-ток“, на кој се гледа како машко лице покажува некаква легитимација на наплатна станица и без да плати надоместок, поминува со возило „мерцедес“ со гостиварски регистарски ознаки, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски за ЦИВИЛ Медиа вели дека станува збор за лицето М.З. (32) од тетовско Желино и со него е извршен службен разговор во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе следи и соодветен поднесок.

„Лицето што се пофали на „Тик-Ток“ дека поминува патарина со наводна легитимација, не е вработен во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, како што беше објавено во дел од медиумите. Без да платат патарина може да поминат само обележани полициски возила“, изјави Ангеловски.

Д.М.