Младите немаат доверба во институциите

ЦИВИЛ организираше панел дискусија „Млади, перспективи…“ посветена на теми кои ги тангираа младите оваа 2020 година и предизвиците со кои се соочија во време на пандемија со Ковид-19 и што можат да очекуваат во 2021, кои се перспективите има ли надеж за промени на подобро…

На панелот говорници беа Стефани Спировска од МОФ, Борјан Ефтимов, Претседател на УСС, Ермин Климента, веб девелопер во ЕЛАМИ и Ангела Петровска, новинарка и дел од екипата на ЦИВИЛ Медиа. Панел дискусијата ја модерираше Дехран Муратов.

Стефани Спировска од Младински образовен форум вели дека едно е да се зборува за младите во Европа, а друго е да се зборува за младите тука кај нас.

Стефани Спировска, МОФ

„Во европските земји за млади се сметаат лицата до 29 години, кои по завршување на образованието се осамостојуваат, пронаоѓаат работа и стануваат самостојни, додека кај нас младите покасно се осамостојуваат, односно и по 30 година тие сè уште живеат со своите родители, немаат сопствен дом и немаат сигурна работа.

Кризата со пандемијата ги извади на површина сите недостатоци со кои се соочуваа(т) младите, на пример видовме колку е кревко нашето образование, со години наназад имаме младинската невработеност, според податокот на Министерството за култура, околу 14 ијлади млади луѓе ја изгубија работата како последица на кризата. Исто така голем број на младите не се вработуваат по струка, туку се вработуваат таму каде што ќе најдат работа, и заминувањето во странство е една од тие причини“, вели Спировска.

Таа вели дека кога се носат некои одлуки за млади треба да се има предвид и на младите со попреченост, со оштетен вид и слух, на младите од руралните средини затоа што кризата најмногу ги погоди нив.

„Имавме задоцнета дигитализација во високото образование, додека во средното образование недостасуваше некој да ги сослуша младите со кои предивици се соочуваат, односно дали имаат пристап до системот, дали имаат психолози и дали знаат каде да се обратат“, нагласи Спировска.

Борјан Ефремов, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ истакна дека младите и во нормални услови се соочуваа со проблеми, особено студентите, а уште со поголеми проблеми се соочија за време на пандемијата.

Борјан Ефремов, претседател на УСС на УКИМ

„Кога не затече кризата свативме дека УКИМ не е дигитализиран, туку како некој средновековен универзитет и така функционира. Но, изненадувачки е тоа што за кратко време речиси 80 / 90 отсто од студентите се префрлија на онлајн учење. За изненадување, Универзитетот добро се справи со првиот бран. Кога започна кризата, ние немавме функционално Министерство за образование, со министерот Арбр Адеми никогаш не остваривме средба.

Летниот период не се искористи за подготовка за учебната студентска година од септември. Повторно се создаваа гужви и редици за плаќање на непотребни работи за кои Универзитетот не треба да ги наплаќа, а сепак ги наплаќа, како што се плаќа по 750 денари за информативни културни и спортски активности (ИКСА) за време на пандемија кога нема никакви културни и спортски активности, се наплаќа од 3 до 6 илјади денари за диплома, а тоа е само едно парче хартија“, вели Ефремов.

Тој додаде дека на 15 февруари очекува дека ќе има дигитална платформа за учење, и се надева дека ќе се подобрат и работите во однос на администрацијата, бидејќи гледа дека има придвижување на новото раководство на МОН.

„Системската опресија функционира така да те осакати до тој степен да не можеш да кажеш дека си опресиран. Младите немаат можност да му се спротивстават на системот кој ги дискриминира“, вели Ефремов.

Новинарката на ЦИВИЛ Медиа, Ангела Петровска вели дека медиумите многу малку обработуваат теми кои ги засегаат младите, освен кога се носи некој закон за млади. Таа вели дека најголем проблем за младите се финансиите, бидејќи имаме голема стапка на невработеност, и немаат голем избор за работа. Во однос на образованието, вели дека недостасува практична работа, пример студентите по новинарство учат непотребни предмети наместо да имаат повеќе пракса.

Ангела Петровска, ЦИВИЛ Медиа

„Младите не зборуваат за општествени и политички проблеми, се плашат да не ги етикетираат дека се од оваа или онаа партија, и кога зборуваат внимаваат што ќе кажат. Тоа треба да се промени, треба да се зборува за проблемите бидејќи само така ќе се решат“, потенцира Петровска.

Ермин Климента, веб девелопер во ЕЛАМИ вели дека не го погоди корона кризата бидејќи и така работеше од дома.

„Менталната состојба кај младите е променета. Кога работиш во домашни услови и кога имаш краен рок тогаш настанува стрес, паника, нервоза, и тешко е кога си сам. Тоа го имаме адресирано во нашата фирма и многу работиме на тимска работа и се поддржуваме едни со други, да почуствуваме дека не сме сами и изолирани.

Децата во основно и средно имаат многу стрес поради оценки или домашна задача и мислам дека беше полесно кога си во клас и стересот го споделуваш со останатите ученици. Сега учениците се сами и имаат поголем стрес, и треба да се работи на тоа, бидејќи младите се соочуваат со ментална криза. На тоа треба да се работи поденакво исто како со короната, бидејќи тоа ќе влијае на иднината на цела генерација“, нагласи Климента.

Ермин Климента, веб девелопер во ЕЛАМИ

Спировска истакна дека на почетокот од годинава Собрание го изгласа Законот за младинско учество и младински политики кој требаше да донесе поголема вклученост на младите во носењето одлуки преку Национално собрание на млади, локални младински совети и собранија и повеќе сервиси за младите. Целта на законот за младинско учество и младински политики, е да обезбеди креирање и спроведување на политика на млади на сите нивоа, преку повеќе секторски пристап. Законот цели кон зајакнување на учеството на младите во процесите на креирање на политики, поттикнување на волонтерство, младинскиот активизам и младинската работа, како и личен, професионален и социјален развој кај младите.

Покрај дефинирањето на младински организации и организациите за млади, а предвидува формирање Национално собрание на млади, Национално советодавно тело за младински политики како и Регистар на форми на младинско организирање. Владата и општините се обврзани да донесат стратегии за млади со посебни акциски планови, а општините се задолжуваат и да формираат канцеларии за млади и младински центри и да одредат службеник за млади кои ќе бидат посебни сервиси за младите кои произлегуваат од законот.

„Националните политики треба да се ускладат со локалните политики за млади, бидејќи не секогаш потребите на младите од еден град се исти со потребите на младите од друг град“, вели Спировска.

Таа вели дека треба да има соработка помеѓу локалната власт и младите за да може да функционираат овие тела и се надева дека што побрзо ќе се формираат и ќе бидат функционални.

„Зошто е добро и треба да се формираат вакви тела, е затоа што младите немаат доверба во институциите, бидејќи младите не веруваат дека кога се носат политики се запазени и нивните интереси. Кога ќе имаме механизам преку кој младите ќе може да си ги остварат своите права, тогаш ќе имаме млади кои ќе веруваат во системот“, истакна Спировска.

Ефремов вели дека од цела Европа, само нашата земја нема Европска студентска мрежа и на 13 март имаа состанок за формирање на таква мрежа. Инересно е тоа што истиот ден беше донесена одлука да се затворат Универзитетите.

„ЕРАЗМУС програмата е најуспешна програма во рамки на ЕУ бидејќи имаме мешање на различни идентитети и култури и така се надградуваме и ние самите и тие околу нас. Ние ја прикажуваме нашата култура и држава во ЕУ, меѓутоа и се збогатуваме со други култури и традиции. Студентската размена е од исклучително значење не само поради образованието и науката туку поради мешање на културите“, рече Ефремов.

Во изминатите неколку години ЦИВИЛ преку проектот „Граѓански објектив“ одржа обука за над 1.000 граѓани, претежно млади лица да знаат да фотографираат, снимаат и забележуваат говор на омразата, дезинформации, лажни вести, црна кампања и корупцијата…

Д.М.
камера: Атанас Петровски
Фотографија: Горан Наумовски