Од мноштвото лажни вести кои секој ден се продуцираат и објавуваат на интернет порталите, за денеска ја издвојуваме онаа објавена на Сигнал.мк.
„На официјална табла на МВР во Шуто Оризари таблата е на три јазици, но натпис на македонски НЕМА (ФОТО)“ – гласеше насловот на текст на Сигнал.мк, придружен со фотографија на која навистина се гледа натпис на ромски, албански и англиски јазик. Тоа е ЛАЖНА ВЕСТ.
Овој многу едноставен трик лесно се открива. Очигледно е дека на фотографијата не се гледа целата табла, така што само малку повнимателен читател може да забележи дека тука нешто не е в ред. Ако се погледне фотографијата на која е целата табла, ќе се забележи дека таа е на четири јазици и тоа: македонски, ромски, албански и англиски.
Интернет порталот не ја објави ни официјалната табла на влезот на установата каде што, исто така, натписот е на четири јазици.
За да се избегне евентуалната законска одговорност и срамот (доколку воопшто го има) поради манипулациите, таа содржина е избришана од интернет страницата. Сепак, насловот сѐ уште може да се најде на интернет пребарувачите што во дадениот контекст предизвикува дополнителни штети и продолжува да ја дезинформира јавноста.
Ако се погледне само насловната страница на интернет страницата, ќе се забележи дека се работи за медиумски продукт преполн со манипулативни и пропагандни наслови.
ЦИВИЛ најостро ја осудува појавата на лажни вести и дезинформации во медиумите и ги повикува релевантните организации и институции да преземат итни мерки за заштита на јавноста и јавниот интерес од овие штетни појави. Веќе одамна не се работи само за пристрасност, туку за систематско и агресивно нанесување на ненадоместливи штети по јавниот интерес и загрозување на правото на граѓанките и граѓаните на објективно информирање. Оваа појава е особено штетна во пресрет на предвремените парламентарни избори. Воедно, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да внимаваат од каде и како се информираат, бидејќи е засилена продукцијата на лажни вести и дезинформации.
Џ. Дерала