Лажна вест е дека д-р Докиќ објавил дека власта не презема доволно мерки за заштита од Ковид-19

Пулмологот проф. д-р Дејан Докиќ демантира дека тој е авторот на текстот што се споделува на социјалните мрежи, а се однесува на состојбата со Ковид-19 во земјата. Д-р Докиќ вели дека тој текст не е напишан од него и случајот е пријавен во полиција.

„Денес видов дека на социјалната мрежа Фејсбук се споделува текст кој наводно сум го напишал јас. Категорично ги демантирам наводите изнесени во тој текст и изјавувам дека јас не стојам зад истиот. Случајот кој е на штета на мојот углед и професионалност и има за цел да шири паника во јавноста, утрово го пријавив во полиција“, реагира Докиќ.

Текстот што се споделува на Фејсбук започнува со предупредување дека поради лекарска и човечка одговорност докторот ја алармира јавноста да се грижи за своето здравје.

„По 30 часа поминати на работното место во ковид-центарот на клиниката, максимално изморен, уплашен и тажен од сѐ што се случува тука, чувствувам лекарска, но пред сѐ човечка одговорност да ја пренесам следната информација. Капацитетите во болниците се пополнети до максимум, ретко некаде се наоѓа по едно-две легла. Во приватните клиники е слична состојбата, и покрај тоа што таму се цените толку високи, што луѓето ставаат домови под хипотеки за да го спасат живот на најблиските. Вакцини нема, но и да беа порано дојдени немаше да имаме ефект од нив, зошто треба да поминат најмалку шест недели по нивното добивање за да се постигне имунитет. Вакцинираните се штитат самите себе, но можат да го пренесуваат вирусот на други! Овој бран е досега најголем и најтежок и буквално коси! Бидејќи власта не превзема поостри мерки да затвори сé, освен аптеки и продавници за прехрана, неопходно е сами да барате начин да се заштитите себе и најблиските“, се вели во лажната објава.