Кржаловски: Фингерпринтот е непотребна и скапа авантура, партиите да ги напуштат националните теми на локални избори

Воведувањето фингерпринт апарати беше непотребна и скапа авантура, овие избори се најдобро спроведените до сега имајќи предвид дека сите учесници во процесот ги прифатија резултатите, но постојаното појавување на претседателите на партиите по митинзите на кандидатите за градоначалници и нивното истакнување на теми на национално ниво, си го направија своето. Препораките веројатно нема да се почитуваат, според тоа што самите партии ни во првиот круг не ги почитуваа сопствените определби за фер и позитивна кампања, и потпис на кодексот за однесување во кампањата, вели Александар Кржаловски од МЦМС, во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА.
ЦИВИЛ МЕДИА: Која е вашата оценка за изборниот процес на локалните избори, во целина?

Кржаловски: Изборите поминаа релативно мирно, со натамошен напредок во однос на претходните изборни циклуси. Воведувањето на проверката на отпечатоци на прсти, иако предизвика доста проблеми и коментари во текот на изборниот ден, се чини не беше посебна пречка во остварувањето на избирачкото право. Сепак, се чини дека и не се постигна главната цел заради која беа воведени, да осигура дека нема да има злоупотреба на процесот на гласање (со повеќекратно гласање на исти лица и слично). Ако се земе предвид и цената на целата оваа операција (речиси 12 милиони евра) се чини дека беше сосема непотребна и секако прескапа авантура.
Иако повеќето учесници во изборите прогласија своја изборна победа во текот на вечерта на денот на изборите, немаше посебни критики на изборниот процес и генерално, сите партии ги прифатија резултатите како реален одраз на волјата на граѓаните. Со само 13 приговори до ДИК, се чини дека имавме најдобро спроведени и неспорни избори до сега.
Резултатите се релативно изненадувачки. Исходот во корист на ВМРО-ДПМНЕ беше предвиден во неколку анкети, но далеку пред изборите, додека тоа што беше објавувано во месецот пред изборите навестуваше предност за СДСМ. Во секој случај, размерот на предноста во освоени гласови (над 50,000) и градоначалнички места (22:9) е далеку над очекувањата и сосема обратно од најавите на премиерот (22:6 за СДСМ во првиот круг). Исто така, релативно изненадување е и големата предност на ДУИ (скоро двојно во број на гласови) пред Алијанса/Алтернатива… откако вториве речиси ги достигнаа ДУИ на претходните парламентарни избори.

ЦИВИЛ МЕДИА: Каква е вашата оценка за текот на изборниот процес во првиот круг?

Кржаловски: Изборниот процес беше стандарден, без многу креативност и нови и изненадувачки моменти во кампањата, а за жал се повторија и негативните кампањи од водечките партии и покрај најавата дека ќе се воздржат од такви активности. Иако се работи за локални избори, појавувањето на претседателите на партиите секојдневно на митинзите од кампањата, како и нивното истакнување на темите од национално ниво, придонесоа за ваквите резултати… генерално, казна на актуелната владејачка партија СДСМ заради пропустите, лошите политики и особено перформансите на национално ниво, како и заборавањето на одговорноста (во повеќе случаи и скандали).

ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се вашите препораки за политичките учесници во изборите, во вториот круг?

Кржаловски: За жал, резултатот од првиот круг и можноста за (пак) целосна доминација на едната од големите две партии, создава атмосфера на „се или ништо“, што веројатно ќе се рефлектира во жестоки нарации против политичкиот опонент на митинзите во овие две недели до вториот круг на 31.10. Веројатно ќе засили и негативната кампања, навредите кон кандидатите и обвинувањата за се и сешто. Што и да се препорача, тешко дека ќе се почитува, кога самите партии ни во првиот круг не ги почитуваа сопствените определби за фер и позитивна кампања и потпис на кодексот за однесување во кампањата.

Д. Тахири