Дехран Муратов
И протестот за убиството на младото момче Никола Саздовски - Саздо, кој беше член на навивачката група Комити, се најде на промотивниот спот „21 април е денот!“ на ВМРО-ДПМНЕ, за нивната кандидатка за претседател на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска Давкова.
Веднаш се поставува прашањето дали професорката по право се согласува со оваа реторика на партијата, каде што на промотивниот спот има инсерти од протестот за Саздо на навивачката група Комити, кои истиот ден, додека протестираа, скандираа и бараа смрт за Албанците. На крајот, спотот завршува со зборовите „Македонија го возвраќа ударот“. Каков удар ќе возврати? Против кого?
Ако веќе се злоупотребува смртта на младото момче Саздо, за тоа дека „нема правда“, во спотот на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш зошто го нема и случајот на малиот Алмир? Или таа смрт е помалку битна, па затоа се согласуваат со судската одлука за тој случај? Кандидатката Силјановска Давкова, која е професор по право, сепак, промовира селективна правда и остава дилема дали навистина се бори да има „правда за сите“?
Инаку, досега од навивачката група Комити не се оградуваат од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ дека ги користат во политичка кампања, односно промотивните спотови. А, ниту Силјановска Давкова не се огради од говорот на oмраза на Комитите.
Натпреварите од првата македонска фудбалска лига ќе се играат во сабота, ден пред изборите.
„Поради некој настан којшто во недела е планирано да се одржи во некоја друга држава (а на оваа територија), се презакажува фудбалскиот натпревар од првата македонска фудбалска лига, којшто ќе се одигра на стадионот Борис Трајковски во Маџари, Република Македонија, помеѓу нашиот ФК Вардар и Ренова. Наместо во недела истиот е презакажан за во сабота, 20.04 од 16:00ч.
#НикогашСеверна #ЦрвеноЦрнаРеволуција#БожеЧувајЈаМакедонија“, стои во повикот на Комити.
Минатата недела, на истиот стадион се одигра натпреварот меѓу ФК Вадар и ФК Шкендија, каде Комитите во текот на целиот натпревар користеа говор на омраза, повици за смрт на Албанците и погодија со шише и еден фудбалер на Шкендија.
Во минатото бевме сведоци дека и други навивачки групи повикуваа(т) на „смрт за Каури“, „Македонско девојче курва голема“...
Политичките партии често ги користат сите навивачки групи за свои политички цели. Надлежните институции и политичките субјекти, ако воопшто реагираат, тогаш само формално го осудуваат говорот на омраза, сексизмот, фашизмот, расизмот и повиците на смрт на навивачките групи, но, нема вистински напор и желба да се стави крај на ваквите појави.