Рокот за Јавен увид во Избирачкиот список истекува на 14 март, на полноќ. Имајќи предвид дека бројот на лицата кои извршиле увид во Избирачкиот список е многу низок, ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да го искористат барем последниот ден и да пријават проблеми во Избирачкиот список.
Од искуството во претходните изборни процеси, најчести проблеми во Избирачкиот список со кој гласачите се соочуваат се фантомите, разместувањето или исчезнувањето. ЦИВИЛ ги нарече „фантоми“ оние имиња што се појавуваат на одредени адреси, а не живеат таму. Иако ДИК ја уверува јавноста дека нема фантоми во Избирачкиот список, сепак, неколку граѓанки и граѓани пријавија дека фантомите сѐ уште „живеат“ во нивните домови, па дури и дека им се појавиле нови. Во ЦИВИЛ велат дека организацијата е подготвена да оди во лов до последниот „фантом“ и ги повикуваат граѓанките и граѓаните да пријават вакви случаи и на последниот ден од Јавниот увид.
Во изминатите изборни процеси, набљудувачите на ЦИВИЛ пријавија случаи кога некои гласачи биле преместени од едно на друго избирачко место. Ова е дополнителна причина да се направи увид во Јавниот список, за гласачите да бидат навремено информирани каде точно (на кое избирачко место) гласаат.
Најголемиот проблем, сепак, се случаите кога гласачите, поради грешка или неажурност на институциите или на самите гласачи, исчезнуваат од Избирачкиот список. ЦИВИЛ редовно објавува информации за тоа што граѓанките и граѓаните треба да знаат за Избирачкиот список и секогаш е на располагање да прими поплаки и информации што се однесуваат на проблемите во оваа сфера.
ЦИВИЛ беше и останува на ставот дека државата ИМА ОБВРСКА максимално да го почитува правото на глас во секоја ситуација, без оглед на тоа дали гласачите биле неажурни во комуникација со матичните служби или се работи за грешка на системот. Тоа, со сегашната верзија на Избирачкиот список е невозможно.
Пријавување на изборните нерегуларности
Со оглед дека изборната кампања започнува на 1 април, дел од предизборниот фолклор секогаш се и говорот на омраза, лажните вести, корупцијата, злоупотребата на службената положба, притисоци, закани и уцени.
ЦИВИЛ веќе започна со долгорочниот мониторинг на изборниот процес. Од искуствата со изборниот мониторинг, ЦИВИЛ констатитра дека секоја информација во овој период е важна. Не постојат информации што се неважни. Затоа, независно во кој формат да пртигнат: фогорафија, видео, постови на осцијални мрежи и друг вид комуникации, лично сведоштво или случка, се добредојдени.
Сите што сакаат да помогнат во изборниот мониторинг можат да се вклучат како долгорочни и краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ. Уште поважно: независно од тоа дали се поврзани со ЦИВИЛ како соработници, членови и поддржувачи, учесници на семинарите за граѓанско новинарство или пак веќе учествувале во изборните процеси како наши набљудувачи, сите свесни и совесни граѓанки и граѓани, здруженија, организации, па дури и институции, можат да придонесат кон одбрана на правото на глас и да ја алармираат јавноста и релевантните институции за нерегуларностите и на тој начин да помогнат изборниот процес да биде слободен, фер и демократски. Целото општество е повикано во борбата за искоренување на говорот на омраза и лажните вести, пред последиците од нив да бидат несогледливи.
„Каде да се пријават изборните нерегуларности, ако не во ЦИВИЛ?“ – кратко изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, во пресрет на објавувањето на овој повик на организацијата што ужива голема доверба од огромен број граѓанки и граѓани, независно од нивната политичка афилијација, припадност или потекло.
Пријавите може да се испраќаат во порака по електронска пошта ([email protected]), Фејсбук, по телефон (02 / 5209 176), на онлајн пријавата за изборни нерегуларности или лично во седиштето на организацијата во Скопје, информираат од ЦИВИЛ.
Биљана Јордановска
Оваа содржина е достапна за преземање и објавување во целост.