Јавност без јавност

пишува: МИЛАН БАНОВ

Секојдневно среќавам огромен број луѓе кои загубиле верба во сè и кои се уверени во непроменливоста на нештата; луѓе разочарани и неми проследувачи на веќе одживеаната и постојано повторувана стварност. Дури, се добива впечаток дека сиот овој народ го обземала неизлечива апатија и меланхолија, па таа македонска констернација напати ја толкувате како отсуство на јавност или, сеедно, на онаа народна сила која би имала влијание врз промените на невеселите ситуации.

Иако, се разбира, тешко е да се признае, и по речиси три децении независност, Македонија, едноставно нема јавност, зашто таа не е ниту создадена и веќе слободно може да се зборува за збир на граѓани ставени во функција и под контрола на креаторите на јавното мислење, што, секако, ја претпоставува општествената, ајде да ја именуваме, елита, односно сведена на власта, опозицијата, интелектуалците и медиумите.

Ако ги земеме, да речеме, последните петнаесетина години и нештата што ја прекршија светлината од тој период, ќе се соочиме со власт која, впечаток е, тогаш кога беше во опозиција, жестоко спротивставена на една тоталитарна и апсолутистичка политика, бездруго беше еден од битните партиципиенти во креирањето на јавното мислење и на создавањето јавност.

Но, познато е, соочена со грубата институционална и вонинституционална брана, ја немаше неопходната сила докрај да ја раздвижи заспаната толпа и да ја оттргне од евидентно присутниот дефетизам. Што се однесува, пак, до годините на владеење, несомнено, напуштен е рецептот на претходниците, според кој, владеењето се поимаше како средство за остварување на личната доминација и за дисциплинирање на народот, но определувајќи други, секако не безначајни приоритети (евроатланските интеграции, пред сè) не успеа значајно да придонесе во засилувањето на таканаречениот вокс попули.

Сегашната опозиција, колку и тоа да сака да го затскрие зад некои демократски флоскули, напросто, е невозможно да ја видиме поинаква од тогаш кога беше власт; кога незаинтересираноста, негрижата за државата и нејзините граѓани, неспособноста и криминализираноста ги исцеди и последните шанси и надежи за пристоен живот, па оттука не е нелогично што таа е најголемиот виновник за создадената ситуација на колективна дезориентираност и на една, би рекол, епска летаргичност кожа и денес се чувствува како своевидно проклетство и трагика. Нормално, како и секоја ненародна власт, и ВМРО-ДПМНЕ вешто го ползува(ше) распространетото сознание за доминацијата на авторитарната политика, односно го имаше предвид традиционалниот страв од власта, кој, ќе се согласите, секогаш успева да го амортизира објективното народно незадоволство.

Третиот, ако може така да се каже, учесник во создавањето на јавноста е интелигенцијата. И, се разбира, не ми паѓа на ум да го одрекувам нејзиното постоење, но повеќе од впечаток е дека најголемиот број интелектуалци во оваа држава се само неми набљудувачи на сите случувања и неповолни состојби во државата. Значи, како да не постојат и со исклучок на доста низок процент, денешниот интелектуалец може да се дефинира како прагматично и адаптибилно суштество кое одлично се вклопува во системот и на кое му е сосема удобно до нозете или во скутот на власта. Малиот број интелектуалци, пак, означени како „дисиденти“, некако се гетоизирани во одредени активистички јадра, постојано прогласувани за непријатели, што како своја последица ја има нивната пасивизираност.

Трансмитерите на „вистината“ – медиумите, во теориска и практична смисла, би требало да бидат оние вратари на јавното мислење. Но, дали е тоа така и можат ли тие, постојано обременети од притисокот на нечија и некаква политика, секако битна за нивната натамошна егзистенција, да бидат онаа општествена совест и оној решавачки фактор што ќе го разбуди џинот наречен јавност? За жал, засега не се осмелувам да дадам потврден одговор, особено не при сосема конкретните сознанија за постоењето на новинарски „курирски“ служби кои пуштаат во промет лаги како начин и средство да им се помогне на политичките газди, а да се сочува недостојната, но исплатлива слугарска позиција.

Од сево ова, се надевам, произлегува констатацијата дека Македонија има сериозни проблеми со постоењето јавност и од таа вистина тешко може да се побегне. Но, дали на оваа состојба треба да се гледа како на непроменлива, проклето извесна константа кожа секогаш и одново ќе сугерира јавност без јавност; молчеливи, депримирани и безнадежни поданици на системот на кои, чиниш, со декрет им е одземена животната сила и природното право да веруваат во промените кон подобро? Бездруго – не, но за тоа ќе биде неопходно поинакво однесување на оние кои учествуваат во создавањето на вистинска јавност и влијаат на нејзините расположенија.

 


Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватностаПовредата на авторските права е забранета со закон. 
ПРЕЗЕМАЊЕТО (делумно или во целост) НА КОЛУМНИТЕ ОД САШО ОРДАНОСКИ Е ЗАБРАНЕТО ЗА СИТЕ ПРЕД 12 ЧАСОТ НА ДЕНОТ НА НИВНОТО ОБЈАВУВАЊЕ. 
Со преземање на било која содржина објавена на ЦИВИЛ Медиа, спротивно на Условите, се согласувате на ЦИВИЛ да му исплатите надоместок од 60.000 денари во рок од осум дена по преземањето на содржината. Оваа обврска не застарува, а за секое доцнење на исплатата ќе биде пресметана соодветна законска камата.
Доколку некоја содржина е потпишана со ЦИВИЛ Тим за комуникации, тогаш преземањето е дозволено во целост.