Во денешното издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ (7 октомври 2021), се известува за случај на злоупотреба на службената положба, злоупотреба на децата, црна кампања, говор на омраза врз родова основа и неколку препораки на ЦИВИЛ за потребата од медиумските простор за сите подеднакво. Воедно, ЦИВИЛ констатира и силна доминација на мажите и во овој изборен процес.
ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНАТА ПОЛОЖБА
Мониторинг тимот на ЦИВИЛ ја забележа заменичката на Народниот правобранител, Соња Трифуновска на митингот на СДСМ во Тетово, на 3 октомври. Таа и на својот Фејсбук профил сподели повеќе фотографии со партиски симболи.
Правните експерти во состав на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ излегоа со следниот став:
„Иако во Законот за Народен правобранител не е стриктно забрането присуството на политички собири, сепак, ваквата јавна поддршка не е етичка и го нарушува натпартискиот карактер и непристрасноста кои се својствени за канцеларијата на Народниот правобранител.
Доколку, пак, членува во политичка партија, тогаш тоа е во директна спротивност со споменатиот закон“.
Според ЦИВИЛ, ова претставува злоупотреба на службената положба, без оглед на тоа дали Трифуновска е член на политичка партија или не.
ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА
Политичките партии продолжуваат со политичка злоупотреба на деца и од интернет сообраќајот не ги симнуваат видео содржините во кои децата се употребени во политички контекст.
На собирите и средбите со граѓанките и граѓаните, исто така, децата се ставени во функција на тие настани.
Со ваквата практика во јавниот дискурс, посебно „се истакнува“ и предничи ВМРО-ДПМНЕ, но ЦИВИЛ нотира злоупотреба и кај другите партии, како што се ДУИ, Алијанса за Албанците и СДСМ. Не се забележани вакви случаи кај независните кандидатки и кандидати.
Децата не смее да се употребуваат во политички и изборен контекст. Тоа е во спротивност со Член 12 став 4, од Законот за заштита на децата во кој се вели:
„Се забранува злоупотреба на децата поради политичко и верско организирање и дејствување“.
Правните експерти во состав на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ оваа честа појава во изборните кампањи ја коментираат со зборовите:
„Овој став во Законот за заштита на децата подразбира општа забрана за употреба на децата во било каква форма на политичко дејствување, вклучувајќи и политичка изборна кампања“.
ЦРНА КАМПАЊА
Мониторингот на ЦИВИЛ нотира дека црната кампања на опозицијата против лидерот на СДСМ продолжува со несмалено темпо и со крајно груба злоупотреба на трагедијата со пожарот во Тетово.
Цел месец, оваа трагедија се злоупотребува за политички и изборни цели. Тоа е неприфатливо однесување, особено ако знаеме дека сите политички партии се обврзаа со Кодексот за фер и демократски избори.
Според извештаите од долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, мета на говор на омразата во текот на вчерашниот ден е и Радмила Шекеринска. Говорот на омразата кон Шекеринска, освен што содржи крајно вулгарни изрази, навреди и закани, тој претставува и говор на омразата врз родова основа.
Манипулативните содржини и говорот на омразата се архивирани од Мониторинг тимот на ЦИВИЛ. Тие се многубројни, а во текстот на денешниот Рапорт објавуваме само неколку од многуте такви содржини.
ОДГОВОРНОСТ ЗА СОДРЖИНИТЕ И КОМЕНТАРИТЕ
Потсетуваме, секој што креира и администрира веб страница или Фејсбук профил или страница или било каков облик на јавна комуникација, има обврска да ја модерира содржината на комуникацијата, односно коментарите.
Тоа што „трети лица“ коментираат е одговорност и на тие што објавуваат содржини, односно креираат простор за јавна комуникација. За „третите лица“ познато е дека се работи за организирани структури. Впрочем, одредени медиуми креираат манипулативни содржини и дезинформации, со очигледна цел да поттикнат омраза, па и насилство.
Тоа е неприфатливо и за законот и за професионалните и етичките стандарди и може да има далекусежни последици врз демократските процеси во земјава.
ЦРНА КАМПАЊА СЕ ВОДИ И ПРОТИВ ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Продолжува и црната кампања за дискредитација на организациите на граѓанското општество. Со црната кампања против ентитети кои не се учесници во изборната трка, се прави обид да се намали довербата во граѓанското општество и да се наметне партиската вистина во јавната сфера.
ЦИВИЛ ги повикува медиумите да помогнат во борбата против црната кампања и ширењето на дезинформациите и говорот на омразата во јавноста и да им дадат, колку што е можно повеќе, простор на граѓанските организации и за нивните пораки, извештаи, анализи и активности.
МЕДИУМСКА ЗАСТАПЕНОСТ И РОДОВА ЕДНАКВОСТ
ЦИВИЛ го нотира и случајот со кандидатката на ДОМ/ЛДП, Теодора Димитровска, за која немаше столче во студиото на Алсат-М на дебатата меѓу кандидатите за градоначалник или градоначалничка на Куманово.
Во врска со овој случај, ЦИВИЛ апелира до медиумите да се обидат да создадат доволно услови за сите кандидатки и кандидати да добијат медиумски простор за политичко претставување и соочување со своите конкуренти.
Имајќи предвид дека родовата застапеност на жените на овие избори е минимална и ни оддалеку не може да се зборува за еднаквост, медиумите можат да помогнат, но тоа е одговорност, пред сè, на политичките структури во земјава.
За жал, со исклучок на само еден дел од политичките партии, во нашето општество сè уште се бележи силна доминација на мажите. Моите другарки од ЦИВИЛ ФЕМ за тоа би рекле дека е и крајно незаслужено.
Џабир Дерала
во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
This post is also available in: English