„’Ти ли си таа што ја промени верата, како не ти е срам?!’, и ја тргаа шамијата и ја навредуваа жена ми…,“ вели во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Шабан Конај од скопската населба Маџари, раскажувајќи за пречките и проблемите со кои се соочуваат тој и неговото семејство во текот на годините, само затоа што се „различни“ од соседите и сограѓаните.
Откако неговата сопруга ја сменила верата и почнала да ги применува верските прописи кои ги налага религијата, се соочила со директни психофизички напади, но не ги пријавувале во полиција бидејќи се сомневале во нивната работа. Тој вели дека прво треба да му се даде шанса на човекот да се обиде со дијалог да се реши секој инцидент, наместо да се пријавува во полиција.
Најголемиот проблем за него и неговото семејство е тоа што не можел во учебната 2013/14 да ја запише неговата ќерка во најблиското основно училиште „Наум Наумовски Борче“ во Маџари, поради дискриминација.
„Сите проблеми започнаа од самиот старт. Моето дете имаше само 6 ипол години кога ја запишав во прво одделение. Основното образование, според законот, е задолжително. Родителот е законски обврзан да му овозможи на своето дете образование, јас така и постапив. Јас строго се држев кон овие закони и ги почитував, но тоа не беше возвратено од училиштето. Бидејќи беше со шамија, согласно верските прописи и верските слободи, децата физички ја малтретираа малечката. И ја тргаа шамијата, ја маваа со гуми и хартии, ја нарекуваа ’Циганко’, ’Шиптарко’!… Детето сè ми раскажа. Веднаш му се обратив на директорот и му реков дека мора да се преземат мерки поради однесувањето на децата. Го прашав: Зошто дозволувате вакви работи да се случуваат во вашето училиште?“, вели Конај.
Директорот на училиштето на сето тоа му одговорил со реторичко прашање: „Па ти, каде си го запишал детето“?
Конај доставил и писмена претставка до самото училиште, потоа, и до Народниот правобранител и до Комисијата за заштита и спречување на дискриминација.
„Од Комисијата за заштита и спречување на дискриминација два пати добив негативен одговор. Поради тоа се жалев и кај Народниот правобранител. Народниот правобранител истото ми го одговори, дека тие немаат ингеренција да го решат овој проблем, освен Комисијата за заштита и спречување на дискриминација. Тие, во одговорот ми пишаа дека нема дискриминација. Меѓутоа, јас лично знам што доживеало моето дете и лично, со мобилен телефон сум ги снимил сите оние елементи кои го опкружуваат целото училиште како ходниците, училниците, канцелариите каде има говор на омраза“, додава Шабан.
„По повеќе претставки поднесени до Народниот правобранител, конечно, една беше земена предвид и со службена должност беше известен Државниот просветен инспекторат. Тие ме повикаа, зборувавме за да имаат увид во случајот, земаа изјава од мене и направија вонредна инспекција во училиштето. Инспекторот го воспоставил токму она што јас го подготвував како докази за претставка во Комисијата“, додава Конај.
По инспекцијата, во училиштето беше сменет директорот и на негово место дојде нов.
„Инспекторот ме посоветува дека најдобро ќе биде да го запишам моето дете во друго училиште бидејќи ќе ми се одмаздат за тоа што ги пријавив. Го послушав инспекторот и девојчето го запишавме во ОУ ’Браќа Рамиз и Хамид’ во Шуто Оризари. Секој ден ја носам и ја земам од училиште, бидејќи не може сама да патува со два автобуса. Проблемот не завршува тука, односно за мене не следува бесплатен автобуски билет, бидејќи моето дете не е со посебни потреби“, додава напиот соговорник.
Тој додава дека проблемите постојат и нема да се решат се додека власта не преземе некои чекори и не ги санкционира тие што шират национална иили верска нетрпеливост.
Од основното училиште „Наум Наумовски Борче“- Скопје, ни одговорија дека ученичката Х.Ш. согласно Член 2 и Член 4 од Законот за основно образование имаше право редовно да ја посетува наставата во нивното училиште.
„Ученичката го продолжи своето образование во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“ по лично барање на родителот К.Ш. Директорот на училиштето престана да ја извршува должноста по завршување на мандатот и во редовна постапка. Изјавите на лицето К.Ш. се невистинити“, велат од училиштето.
Тој претходно до ЦИВИЛ испрати и фотографии за говор на омраза по етничка и религиска основа.
Дехран Муратов
Обработка на текст, камера и фотографија: Ангела Петровска
Монтажа: Биљана Јордановска
This post is also available in: English