од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Што и да е, што цел и да имаше СДСМ со предлогот за закон за огласување ништовност и поништување на актите, дејствијата, мерките и правните последици од постапките за лустрација, е нејасно. Уште по нејасно е како предлагачот си се довел во некоординирана ситуација до вчера верните коалициски партнери да го откачат и тоа онака, на прва. Патем, законот по кој се донесени споменатите акти и така веќе долго време е и покоен и спокоен. Дреме во длабока неефективна хибернација.
Ако трикот беше само за некаква партиска предизборна еквибрилистика, таквиот маркетиншки потег доживеа дебакл. На денот на свадбата, како напуштена невеста, иницијаторите си останаа сами во собраниската комисиска сала. До еден ги откачија сите сватови. И од едната и од другата страна. И партнерите и опозицијата.
Обидот за поништување, практично за укинување на досегашните лустраторски акти, во старт беше лош потег. Со видливи индикации за лоши последици по авторитетот на предлагачот. И особено по лустрациски неправедно обвинетите. Доколку и успееше оваа иницијатива, ним ќе им им ги врзеше рацете извесната правда да ја побараат и добијат во објективна судска постапка.
Прво, најмногу поради фактот што македонската лустрација која, за разлика од ваквите процеси во другите посткомунистички држави, почна премногу доцна. Дури по повеќе од цели две децении од пропаста на поранешниот унитарен, неплурален и недемократски поредок.
Второ, лустрацијата беше и е своевидна домашна задача за евроатлантските аспирации на земјата. Ова како еден од малиот милион условни елементи за интегрирање посебно во Унијата.
Трето, лустрацијата сѐ уште е нужен фактор за правда. Општествена потреба за конечно збогување со еден тоталитарен полициски систем. Нужност како претпоставка за нов почеток. За отворање процеси кон ново демократско и слободно општество релаксирано од било какви идеолошки стеги.
И поради ваквите причини, предлогот за поништување на актите од процесот на лустрацијата е елементарен политички дилетантизам. Особено поради фактот што и законот и лустраторите беа продукт на собраниски консензус. Друго е, сосема е друго прашањето за тоа како, низ кои процеси, со кои политички баласти и под кави партиски диктати се одвиваше македонската лустрација. Тоа е сосема друга тема.
На Македонија ѝ треба нова иницијатива за широка, за длабока и за коренита проверка на досегашните лустраторски решенија. Претходно, секако, ѝ треба енергичен ветинг врз судството и потоа и ревизија на сите лустрации спроведени во околности на владеење на еден режим. На еден децениски тоталитарен партиски диктат на ВМРО-ДПМНЕ чија алатка несомнено беше и лустрациската комисија.
Вака, по фијаското на иницијативата за прогласување ништовност на досегашните лустрациски акти, останува констатацијата дека и лустрацијата е покојна и покојникот е жив.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.