Хајдари: Поради притисокот од криминалните банди на ДУИ, весникот „Лајм“ беше дел од извештајот на Стејт Департаментот во 2016

ФЕЈЗИ ХАЈДАРИ, сопственик на весникот ЛАЈМ

Иако последните години има блага промена, споредено со некогашниот режим ВМРО-ДУИ, кога зборуваме за слободата на медиумите, сепак, токму клиентелистичкиот однос, кој е создаден години наназад меѓу политиката, бизнисот и сопствениците на медиумите, е тој што апсолутно ги задушува медиумите во спроведување на нивната работа на професионален начин.

Таквата тенденција за претворање на медиумите во пропагандистичка машинерија и партиски мегафони, никако не престанува. Гледате дека главните медиуми сега веќе на некој начин имаат пријателски однос кон новата власт (како порано со другите власти), додека тие биле тупаница на режимот на Груевски.

Како може да се каже дека има слобода на медиумите или на слобода на изразувањето кога албанската партија на власт ДУИ и Али Ахмети, кон весникот Лајм и главниот уредник Исен Салиу, уште продолжуваат со судскиот процес, па дури и до највисоките судски инстанции? Се работи за текст, за кој беше подигнато обвинение кое на сите други пониски судски нивоа беше отфрлено како неосновано.

Токму поради притисокот од страна на криминалните банди на албанската партија на власт и некои други притисоци слично на овој вид, ние (Весникот ЛАЈМ), бевме дел од годишниот извештај на Стејт Департаментот во 2016 година.

Затоа, мислам дека актуелната Влада треба да покаже сериозни намери за спроведување на суштински промени во медиумите, кои ќе создадат поголема слобода и одговорност кај новинарите и медиумите во нивната работа.

Мислам дека треба да се покаже поголема политичка волја за да се нафатиме во демонтирање на постојниот медиумски систем. Актуелната власт, но и другите кои ќе дојдат, треба да заборават на перманентните обиди, или подобро кажано досегашните пракси на властите, за инструментализација на медиумите за нивни потреби, односно зацврстување на власта. Ако устата ни е полна со интеграции и ЕУ, тогаш таквиот обид нема апсолутно врска со овој процес.


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.