Фејсбук страницата „Налет да се сторите“ исчезна по објавата на ЦИВИЛ за заканата кон Ненад Јовановиќ

Фејсбук страницата наречена „Налет да се сторите“ до пред 3 дена беше еден од изворите на говор на омраза на социјалните мрежи. Страницата беше дувло на највулгарни, најнационалистички, најрасистички, највалкани објави и коментари.

Страницата најмногу заговараше бојкот на изборите и негирање на легитимноста и идентитетот на Северна Македонија, постојано проследено со говор на омраза, повици на линч, закани, навреди и омаловажувања.

Еден од таквите случаи беше заканата кон активистот и колумнист Ненад Јовановиќ по гостувањето во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, додека на 29 јуни на истата страница е објавена фотографија на претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, под која имаше коментари со експлицитен говор на омраза и етничка нетолеранција.

Откако мониторинг тимот на ЦИВИЛ ги детектираше  овие случаи и ги објави на медиумската платформа, страницата „Налет да се сторите“ веќе не постои, односно исчезна од социјалната мрежа, веќе попладнето, по објавата на ЦИВИЛ за заканата кон Ненад Јовановиќ.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ