Активистката Афердита Хаџијаха Имери на Конференцијата „Меѓу стремежите и реалноста“, која е дел од активностите за одбележување на 20 годишнината на ЦИВИЛ, зборуваше за предизвикот за тоа на што ќе се фокусира цивилното општество, на професионализам или активизам.
„Сакам да споделам неколку работи, не толку оптимистички, сакам, но реалноста е поинаква. Цивилното општество е хетерогено, имаме граѓански организации кои се залагаат за одредени демократски цели, меѓутоа имаме и граѓански организации кои се залагаат за поинакви цели, тоа го видовме и мислем дека тоа ќе го гледаме и во иднина.
Граѓанскиот сектор беше, но мислам дека треба поинтезивно да биде корективен елемент во рамките на тоа што ние го подразбираме и кого ние перцепираме како претставник на граѓанското и цивилното општество и граѓанските организации. Мислам дека тој глас, тој коректив беше присутен, но не толку артикулиран, колку што можеби требаше да биде.
Во последниот период, во последните десетина години видовме дека во различни општествени полиња се појавуваа наши стари познаници од граѓанските организации и „нови“ граѓански организации коишто ја користеа истата платформа, организирање на граѓаните за одредена цел. Колку е тоа демократично и колку е тоа правично веќе не навлегувам и не коментирам.
Јас нема да го анализирам периодот од последините десетина години, ќе одам малку поназад, а тоа е кога јас почнав да бидам активна во овој сектор, можеби како активистка, но многу повеќе како некој кој беше инволвирана во донаторските организации, па сметам дека, како што велат – нивото на демократичност на една држава зависи од тоа колку и е развиен граѓанскиот сектор.
Сега, враќајќи се на нашата држава, колку таа држава направи нешто да овозможи независно функционирање на граѓанскиот сектор, пред сè мислам на финансирањето на граѓаните и невладините организации. За жал многу малку, ако воопште нешто е направено. Невладините организации пред сè зависат од средствата на донаторите, а средставата на донаторите стануваат се потешки и бараат висока професионалност во самото работење на невладините организации. Тоа и не е лошо, но професионалноста многу тешко се комбинира со активизам.
Правејќи една паралела од 1995/96 и сега во 2019 година, јас знам дека многу невладини организации кои што функционираа не само во Скопје, туку низ цела Македонија – згаснаа. Нашите пријатели кои беа активисти во душа и беа блиску до народот, до граѓаните, сега поради немање капацитет и воља да станат професионалци во овој веќе високопрофесионален сектор, не се активни како што беа.
Ова го кажувам бидејќи се појавува предизвик, на што ќе се фокусира цивилното општество? Дали ќе се фокусира на подготвување на добри извештаи, пишување на добри предлози и проекти за некој да ги чита и процени во Брислел или тука, дека тоа е доволно добро, или ќе се фокусира да ги работи активностите, дејностите кои се потребни во заедницата.
Ретко и малку се случува да имаме добра комбинација на професионализмот и активизмот. ЦИВИЛ е една од таквите. Во една прилика минатата година кога се сретнав со Џабир, тој рече „во ред, ние имаме средства за уште 2 недели и не знаеме дали како такви ќе продолжиме да функционираме или ќе треба да ја затвориме канцеларијата“.
Епа драги граѓанки и граѓани, другарки и другари не се гради така цивилното општество. Државата треба да направи нешто повеќе, и на оваа реторика која сите ја кажуваме треба да се стави во акција и конкретни мерки“, истакна Хаџијаха Имери.
обработка на текст: Д. Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
камера: Атанас Петровски
фотографија: Кирил Михаилов
This post is also available in: English