ЦИВИЛ доделува веќе три години награди за најуспешните во граѓанското новинарство во рамки на проектот Граѓански објектив.
„Се работи за прилози на граѓански новинарки и новинари од целата земја кои преку текстови, фотографии и видео прилози што зборуваат за секојдневието на граѓанките и граѓаните. Овој проект се однесува на транспарентни и одговорни политички процеси. Со својата камера, со својата фотоапарат или со својот мобилен телефон успеваат да ги фатат сите можни ситуации кои се однесуваат на злоупотребата на должностите, моќта, проблемите што ги имаат во заедниците од кои доаѓаат, на настаните, процесите и на она што се нарекува однесување на оние што се во структурите на моќта, а не е во согласност со законот и демократските стандарди“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ на самиот почеток од доделувањето на наградите.
Во четвртокот, 9 август, ЦИВИЛ додели уште пет награди за најуспешните стории во граѓанското новинарство. Првата награда и припадна на граѓанската новинарка Јулијана Ортаковска, за видео прилогот Насилничкото и недолично однесување на воспитувачка во градинката „Детска радост“ во Гевгелија, што предозвика надлежните институции веднаш да реагираат.
Втората награда, овој пат ја доби Суада Муратова, за сторијата „Дислокација на дивите продавачи на Бит-пазар“. Марин Гавриловски е добитник на третата награда за известувањето од протестите во Скопје каде што имаше националистички скандирања и инциденти, а двете четврти награди ги добија Анила Ејупи за видео прилогот од НАТО – журката каде што Ристо Вртев од групата Архангел, во текот на својот настап им порача на граѓан(к)ите „Не дозволувајте силеџии да ве избркаат од дома“ и анонимен граѓански новинар за видео сторијата „Зајди, зајди јасно сонце… пензионерите пеат во автобус на ЈСП“.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.
Б. Јордановска
This post is also available in: English