Граѓанското новинарство може да ги поттикне луѓето и, секако, да донесе повеќе демократија во медиумската сфера. Тоа овозможува да бидат слушнати повеќе гласови и во случаи како што се неочекувани несреќи, а особено кога социјалните и политичките движења ги полнат улиците поради злоупотребата на власта. Граѓанските новинарки и новинари, вооружени со камери или со мобилни телефони, можат да ѝ пренесат на глобалната публика она што се случува без посредници, од прва рака. Тоа овозможува да се слушне гласот на граѓанките и граѓаните, да се обелоденат злоупотребите и кршењето на човековите права и слободи и отвора простор за континуиран мониторинг на институциите и државата.
Во тој контекст, граѓанските новинарки и новинари се многу значаен фактор и во мониторингот на изборните процеси, особено кога станува збор за нерегуларности и кршење на правото на глас, притисоците од страна на партиските војници, поткупот и низа други незаконити и недемократски постапки во текот на изборните процеси.
Комуникациските технологии им ја зголемија моќта на граѓан(к)ите, обезбедувајќи ги со нови алатки и канали, за да го кренат својот глас и да ги споделат своите сознанија. Досега, во изминатите три години откако започна имплементацијата на проектот „Граѓански објектив“, на семинарите учествуваа речиси 1.000 учеснички и учесници, доделени се 90 награди за најдобрите прилози на граѓанските новинари, беа објавени стотици стории и видео прилози што предизвикаа промени и имаа влијание на локално и национално ниво.
ЦИВИЛ веќе подолго време се занимава со мониторинг на состојбите на човековите права и слободи. Во тие рамки, организацијата ќе даде придонес кон граѓанската едукација за гласачкото право и ќе се погрижи, преку мониторинг и медиумски активности, да го одбрани правото на граѓанките и граѓаните да гласаат слободно и соодветно на нивните убедувања на референдумот.
Учеството на граѓанските новинарки и новинари во мониторингот на човековите права и на изборните процеси, му обезбедува аргументи на ЦИВИЛ во обраќањето до институциите и структурите на моќта да работат согласно со законите и демократските стандарди и да ја напуштат практиката на злоупотреби, говор на омраза и дистрибуција на лажни вести, без оглед на тоа од која страна доаѓаат.
Затоа, ЦИВИЛ ги повикува сите граѓански новинарки и новинари да ги зголемат напорите и да помогнат во мониторингот на изборниот процес за избор на претседател на државата, со што ќе дадат придонес кон спроведување слободни, фер и демократски избори.
М. Ивановска