Најнови информации за Избирачкиот список

Јавен увид во Избирачкиот список граѓаните ќе имаат заклучно до 14 март. До тогаш проверката ќе можат ја изврашат онлајн на веб страницата на Државната изборна комисија или во некоја од поддрачните канцеларии и одделенија низ целата земја. Согласно законските одредби, ДИК е должна на дневна основа да го ажурира Избирачкиот список, соодветно на пријавите на граѓаните за запишување, бришење или промена на податоците или промена на живелаиште.

Заклучно со 3 март, проверка во Избирачкиот список извршиле вкупно 22,033 граѓани. За 24 граѓани донесено е решение за запишување во ИС, за 23 граѓани решение за бришење, а на 9 граѓани извршена е промена на податоците во ИС. Ниту еден граѓанин при проверката во ИС не ја поништил адресата на живеење.

Со оглед на тоа дека искуството покажува фантомските гласачи најдоборо се лоцираат преку онлајн проверката, ЦИВИЛ и во минатото и во пресрет на претседателските избори оваа година, апелира до граѓаните да пријавуваат неправилности во Избирачкиот список во поддрачните одделенија на ДИК. Исто така, ЦИВИЛ е на располагање на граѓанките и граѓаните за сите видови информации поврзани со изборниот процес, а особено со правото на глас. Воедно, ЦИВИЛ ги повикува засегнатите, да ги пријават неправилностите во Избирачкиот список и во организацијата, на онлајн формуларот за пријава на изборни нерегуларности Слободни избори, по телефон (02/5209 176) или по електронска пошта на [email protected] Многумина веќе се жалат во ЦИВИЛ дека на нивната адреса има фантоми, нешто што ДИК категорично го отфрла.

„Апелиравме до граѓаните да ги подигнат документите, затоа што само во тој момент тие влегуваат во ИС и добиваат право на глас. Но тоа не значи дека во ИС има таканаречени фантоми. Сите се здрави и живи луѓе, фала богу, меѓутоа треба да се потрудиме ние сите, како држава, во наредниот период да направиме некои институционални измени што ќе доведат до регулирање на правата и обврските на граѓаните со цел подобро ажурирање на списокот“, изјави Оливер Деркоски, претседател на ДИК, во интервју за ЦИВИЛ Медиа, што останува и официјален став на комисијата.

Сите информации и поплаки од граѓаните ЦИВИЛ ќе ги достави до релевантните институции.

Биљана Јордановска