Бочварски вети кружен тек на местото каде животот го загуби штипскиот ученик

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски непосредно по протестот пред средното училиште ,,Коле Нехтенин“, како реакција на сообраќајната несреќа на булеварот „Гоце Делчев“, каде во животна опасност се најде средношколец, одржа средба со дел од родителите на учениците во истото училиште.

На средбата биле презентирани мерки што ќе се преземат за да се обезбеди поголема безбедност на учениците. Градоначалникот соопштил дека на критичното место ќе се изгради кружен тек кој ќе овозможи подобро регулирање на сообраќајот и поголема сигурност за пешаците.

Општината веќе го одбрала изведувачот на градежните работи. Покрај тоа се планираат и други мерки за зголемување на безбедноста на пешаците односно поставување на вибразициони траки на критичниот булевар што звучно и вибрациски ќе делуваат на возилата.

Родителите, пак, имаа позитивни реакции и самите велат дека очекувале ваква брза и позитивна реакција од градоначалникот.

За жал, како што јавија локалните медиуми момчето по 13 дена борба за живот денеска починало на Клиниката за анестезија и реанимација во Скопје.

С. Живкова