Граѓанско новинарство што придонесува за позитивни промени

ЦИВИЛ додели 45 награди за граѓанско новинарство. Наградените стории ја сликаат реалноста во која живеат граѓанките и граѓаните на Македонија. Тие говорат за кршењето на човекови права, притисоците и мобинг на работно место, злоупотребата на државните ресурси и администрацијата, неисполнетите предизборни ветувања, протестите, социјалните неправди...

dsc_0176

Наградените прилози доаѓаат од дваесетина различни општини низ целата земја, ги подготвуваа граѓански новинарки и новинари од сите етнички заедници во Македонија, на македонски и албански јазик.

Наградите за граѓанско новинарство беа доделувани во девет циклуси по пет награди. ЦИВИЛ одржа церемонија за секое доделување на наградите на кои присуствуваа наградените авторки и автори, медиумите, невладините организации и заинтересираните граѓанки и граѓани. Наградите се состоеја од вредносни ваучери за компјутерска, фото/видео и телефонска опрема во вредност од 25 до 110 американски долари.

dsc_0327

Тоа што овој проект го прави различен, покрај промовирањето на концептот на граѓанското новинарство, е можноста која им ја дава на граѓанките и граѓаните да ја искористат платформата на ЦИВИЛ и преку пренесување на своите лични искуства и сведоштва да придонесат кон пробивање на медиумскиот мрак во земјата.

Текстовите кои зборуваа за притисоци врз професионалци во својата област само поради партиската определеност, веднаш по објавувањето на веб страната на ЦИВИЛ, предизвикаа реакции од институциите. Во некои случаи, притисоците престанаа. По објавувањето на текстот за социјално загрозеното семејство во Велес кое живее без ветената социјална помош од општината, следеше реакција на градоначалникот и ситуацијата се промени и семејството ја доби ветената парична помош.

dsc_0352

Проблемите за кои пишуваа граѓанските новинари, а кои се однесуваа на свлечиште во некоја општина и одрон на пат кој никој не сака да го санира, предизвикаа конечно институциите да се ангажираат и да ја завршат својата работата, а со тоа да се подобрат условите на жителите од овие општини.

Сите овие, навидум мали, промени кои ги предизвикаа објавените 45 трудови на граѓанските новинарки и новинари, се одличен почеток, не само во насока на подобрување на медиумската сфера во земјата, туку и за демократските процеси воопшто.

Марија Теговска


 

civiv-lenses-logo-en-lf-200x166Оваа содржина е дел од публикацијата „Ние сме медиумите“ која ЦИВИЛ - Центар за слобода ја објави во рамки на проектот Граѓански објектив.