Граѓанското новинарство или партиципативното новинарство, има за цел да го разбие медиумскиот монопол и да воведе нови гласови и гледишта во јавната расправа. Како што смета Дан Гилмор, во 21 век, публиката не е повеќе пасивна, а новинарството престанува да биде предавање и станува - отворен семинар. На овој начин, се пренесува духот на демократијата во светот на комуникациите
Интернетот, електронската и информатичката технологија им ја зголемија моќта на граѓан(к)ите обезбедувајќи ги со нови алатки и канали, за да го кренат својот глас и да ги споделат своите перспективи.
Новите медиуми се крајно разновидни и хетерогени, отворени за секого и главно се лоцирани на интернет. Преку блогирањето и микроблогирањето, преку платформи како WordPress или Twitter, на пример, корисниците можат да пријавуваат веднаш, се што се случува околу нив. Благодарение на стриминг технологијата, можеме да бидеме сведок на настани кои се случуваат насекаде и во секое време.
Овие процеси се хоризонтални и охрабруваат индивидуална автономија и слобода. Промената која се случува во 21 век, всушност, е ангажирање на публиката, која учествува во разговорот и која сака да биде слушната.
Во текот на последната деценија сме биле случајни набљудувачи на импресивни социјални движења како исландската револуција, „Арапската пролет“ или „Окупирај го Волстрит“. Заедничко за сите овие движења е повикот за вистинска демократија и за промена во системот, во корист на граѓан(к)ите.
Во овој темпераментен контекст на вмрежено општество, на скептицизам, бес, но исто така, и надеж, како што тврди Мануел Кастелс, граѓанското новинарство е начин за обнова и подобрување на демократијата. Научниците обично потенцираат две главни причини во корист на ова тврдење. Граѓанското новинарство им дава моќ на граѓани(к)те и ја диверзифицира агендата на вестите и на тој начин, придонесува за ревитализација на јавната сфера.
Граѓанско новинарство може да ги поттикне луѓето и, секако, да донесе повеќе демократија во медиумската сфера. Тоа овозможува повеќе гласови да бидат слушнати и во случаи како што се неочекувани несреќи, кога социјалните движења се на улиците или кога се одвива злоупотреба на власта. Граѓаните вооружени со камери или со мобилни телефони, можат да и го пренесат и да и го покажат на глобалната публика она што се случува, а со тоа, граѓанското новинарство станува добар извор и утеха.
Со цел обезбедување на простор и промоција на граѓанското новинарство во Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува проектот „Граѓански објектив“. Проектот им овозможува на сите заинтересирани граѓанки и граѓани да се вклучат во месечните наградни циклуси на натпреварот „Биди граѓански новинар“ и да испраќаат фото и видео содржини кои сведочат за прекршување, пред се, на изборни права, но и човекови права во поширок контекст.
ЦИВИЛ идејата за новинарството кое повеќе не е предавање од затворен тип, туку е семинар отворен за поширока публика, за прв пат го промовира во Македонија, организирајќи семинари за граѓански новинари во повеќе општини во Македонија, на кои можат да се пријават и да учествуваат сите граѓан(к)и кои имаат желба преку граѓанското новинарство да придонесат за подобрување на медиумската сфера и со тоа, кон јакнење на демократијата во државата.
Во изминатиот месец, семинари се одржаа во Велес, Скопје, Струмица и Прилеп. Во петок ЦИВИЛ ќе одржи семинар во Тетово, а во следниот период, тимот на ЦИВИЛ ќе ги посети и Куманово и Штип, каде ќе ја претстави идејата и можностите што ги нуди граѓанското новинарство.
ЦМ