Коментари со експлицитен говор на омраза на Фејсбук објавата на Претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој по повод Меѓународен ден за борба против хомофобија, трансфобија и бифобија напишал: „Неприфатлива е дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет. Сите треба да ги уживаат основните човекови права и не смее да има исклучоци по ниту еден основ. Како општество за жал не сме имуни на предрасуди, стигматизација и говор на омраза кон лицата кои се дел од ЛГБТИ заедницата. Денеска но и секој следен ден, институционално, но и како поединци да придонесеме кон зголемување на свеста за прифаќање на различноста и почитување на правото на избор“.
Под објавата на Претседателот има стотици коментари со говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата.
Говорот на омраза и делата од омраза се меѓусебно поврзани и претставуваат закана за човековите права и слободи, но и за развојот, безбедноста и стабилноста на едно демократско општество. Говорот на омразата кон „поинаквите“ често води кон дела од омраза кои се забранети и се санкционираат според Кривичниот законик. Насилството е неприфатливо и недозволено во едно демократско општество.
ЦИВИЛ отсекогаш бил и ќе биде организација што стои во одбрана на правата на ЛГБТИ заедницата и континуирано бара подобрување на нивните права со конкретни политики и практики кои институциите се должни да ги преземат. Не смее да има неказнивост за ништо, а тоа подразбира и укинување на неказнивоста за дела од омраза против ЛГБТИ заедницата. Должност на државата и институциите е да ги применат законите за сите подеднакво.
Д.М.