Дувњак: Останува надежта дека ситуацијата нема да се злоупотреби за кршење на принципите на транспарентност

ГОРДАНА ДУВЊАК, новинарка

По многу нешта 2020  година ќе остане запаметена како една од најчудните и најмалку предвидливите години, која треба што поскоро да се заборави и никогаш да не се повтори. Во време на глобална пандемија на Ковид 19, Меѓународниот ден на медиумите го дочекуваме со живот свртен наопаку и  присилно изменети навики и начин на функционирање.

На новонастанатата ситуација, мораше да се адаптираат и медиумите, чија улога стана уште позначајна и поделикатна, бидејќи секојдневно се ставени во позиција да бидат на „првата линија“, но и да балансираат меѓу два интереса. Од една страна, навремено и точно информирање, но и да се спречи ширење на непотребна паника и страв, бидејќи грижата за здравјето стана врвен приоритет.

Воведувањето на вонредна ситуација и рестриктивни мерки, во голема мерка ја отежнаа работата на новинарите и ги зголемија ризиците за загрозување на слободата на информирање. За прв пат, новинарите се соочија со ситуацијата да известуваат од прес конференции преку видео врска и да поставуваат прашања по електронски пат, што ја намалува можноста за поголема, директна комуникација и избегнување конкретни одговори. Останува надежта дека ваквата неприродна ситуација нема да потрае предолго и нема да се злоупотреби од страна на власта за грубо прекршување на принципите на транспарентност и отчетност.

Загрижува и тоа што уште во првите денови од корона кризата, први на удар беа новинари од портали, на кои не им беа продолжени договорите за работа.

И покрај тоа што во најновиот извештај на меѓународната невладина организација „Репортери без  граници“, Македонија беше рангирана на 92 место на Светската листа на  слобода на медиумите за 2020, што е за три места подобро во споредба со претходната година, сепак, нема причини за големо задоволство.

Навистина, со промената на власта, забележлива е поголема релаксираност и се намалија  притисоците и заканите врз новинарите.

Но, остануваат старите проблеми со нерешениот статус на медиумските работници, ниските плати, недоволната синдикална заштита. Остануваат нерешени  и проблемите со говор на омраза, креирање лажни вести, недоволна медиумска писменост. Сѐ уште има проблеми и со нејасната медиумска сопственост, финансирањето на медиуми од непознати извори, поврзаност на одделни новинари со центри на економска и политичка моќ, како и со политичкото подземје.

 


По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, сите содржини објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ на овој ден се достапни за објавување според лиценцата Creative Commons 4.0.