Доделени наградите за најуспешните во граѓанското новинарство

Цивил - Центар за слобода ги додели наградите за најуспешните новинарки и новинари за стории што зборуваа за изборен поткуп, неисполнети предизборни ветувања, иселување на младите, злоупотреба на малолетниците за политички цели и ширење на пропаганда.

Сведоштво за поткуп на гласачи, е првонаградена сторија за изборен поткуп од денот на предвремените парламентарни избори одржани на 11.12.2016 година. Граѓанскиот новинар сакаше да остане анонимен со оглед на сензитивноста на видео сведоштвото. Поради верификацијата на информациите што содржеа и имиња на луѓе кои се инволвирани во поткупот на гласачи, оваа сторија е објавена по 3 месеци од завршувањето на изборите.

Второнаградениот видео прилог Ѓуроски: Градот на државни прваци во пливање, без градски базен, заеднички го подготвија Горан Карафилоски и Амдија Емини од Кичево и Емин Рустемовски и Елзана Кадриеска од Струга.

Постмодерна варијанта на „Парите се отепувачка“, што го подготивија Ана Ѓеорѓиева од Валандово и Леонид Баламов и Симеон Томов од Гевгелија, беше третонаградена сторија од  комисијата, а зборува за иселувањето на младите од земјата.

Ана Ѓеорѓиева од Валандово и Симеон Томов од Гевгелија, добитници на третата награда

Националистичка пропаганда на радио емисија пуштена во градски автобус на ЈСП е тема на видео прилогот што го испрати граѓански новинар кој сакаше да остане анонимен.

ЈСП бесплатно ја вози пропагандата на ВМРО – ДПМНЕ!, како четвртонаграден прилог, укажува дека возачите на ЈСП со пуштање на вакви националистички пропагандни емисии, на некој начин се директни поттикнувачи на меѓуетнички инциденти помеѓу младите во автобусите, како што оценуваат граѓанките и граѓаните.

Втората четврта награда жири комисијата ја додели на фото сторијата Политичка мобилизација на малолетници среде настава, а добитникот, исто така, сакаше да остане  анонимен. Фотографијата што ни ја испрати, всушност е соопштението кое средношколците го читале на часовите, како мотивација за приклучување на протестите „За заедничка Макеоднија“.

Тие што имаат снимка, фотографија или сторија за изборните нерегуларности, за кршењето на гласачкото право, за злоупотребите, притисоците и заканите, за поткупот на гласачите можат да бидат дел од големото семејство граѓански новинарки и новинари кои соработуваат со ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ги охрабрува граѓанките и граѓаните да бидат активни чинители во општествените промени и надминувањето на медиумскиот мрак.

 

This post is also available in: AlbanianEnglish