Државната изборна комисија, по сите перипетии, со нови законски решенија и нов состав, ќе стреми кон отворена и решителна борба против корупцијата особено во изборен контекст.Тоа е најважниот заклучок од денешната средба меѓу ЦИВИЛ – Центар за слобода и речиси полниот состав на ДКСК, на која се разговараше за можностите за заедничка сорабтка, пред сѐ во текот на изборниот процес, но и во иднина.
ЦИВИЛ, како организација со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг ги претстави своите методологии на набљудување, што се набљудува и како организацијата ги информира како да ја препознаат, но и ги охрабрува граѓанките и граѓаните да пријават изборна корупција.
„Предмет на наш интерес се поткупот на гласачите, изборните измамнички практики и сите коруптивни елементи што го следат изборниот процес. Нашите набљудувачи овие состојби ги следат долгорочно, но особено интензивно од моментот на распишување на изборите, сѐ до денот на гласањето, но и во постизборниот период. Исто така, остануваме секогаш отворени и кон соработка со релевантните институции, а најголема помош ни се граѓанките и граѓаните кои навистина веруваат во нас и знаат дека уживаат апсолутна заштита на нивниот идентитет“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, на средбата.
На состанокот беа присутни скоро сите членови на ДКСК, како и претставници на другите тела на институцијата. Тие покажаа максимална отвореност и спремност да дискутираат на секоја тема поврзана со коруптивните практики и искажаа искрена намера непоколебливо да се борат против корупцијата, во соработка со сите што сакаат да помогнат во таа борба.
Комисијата понуди отворена соработка со ЦИВИЛ за сите потребни активности во борбата против корупцијата, вклучувајќи и потпишување меморандум за соработка, како и да се разменуваат информации на редовна основа.
„Треба да се охрабрат луѓето да пријавуваат коруптивно дејствување. Тие треба да сфатат дека има некој што навистина мисли на справувањето со корупцијата… 90% од граѓаните не знаат дека можат слободно да влезат во ДКСК и да пријават корупција, а истовремено дека ќе бидат заштитени… Ние ќе работиме на приоритетни предмети, што веќе ги почнавме, но тоа не значи дека нема да се работи и на помалите претставки што се во голем број и се однесуваат на поединечните интереси на граѓаните…“ – вели Билјана Ивановска, Претседателка на ДКСК.
Свесност постои дека механизми за спречување на корупцијата има, но она што недостасува е нивна имплементација. Како што посочија членовите на ДКСК, ништо не се прави преку ноќ, но важно е да нема застој во процесот. Новиот состав се соочува со недовршени работи и на други институции, како и на претходниот состав на ДКСК.
Нивна препорака е сите институции да работат по допрен глас и се надеваат дека нивната работа ќе ги сензибилизира и другите институции. Главната цел и приоритет на ДКСК останува да се понудат системски решенија за справување на корупцијата во институциите.
текст и фотографија: Биљана Јордановска